Образовниот систем се најде во шах-мат позиција

879

За професионалната фела која го следи образованието и процесите кои се случуваат со и во него, особено во услови на пандемијата со Covid 19, во услови кога Собранието е самораспуштено и целокупната моќ на креирање одлуки и политики се одвива преку техничката влада, која патем кажано имаше мандат да ги организира и спроведе предвремените парламентарни избори, преку донесување уредби со законска сила, дополнително ги измеша и така добро промешаните лончиња во оваа сфера.

Техничката влада ја заборава суштествената вистина дека учениците се дел од општествената заедница, на која за нецела деценија треба да ја понесат одговорноста на општествените, економските и политичките процеси на свои плеќи. Тоа подразбира дека сите тие треба да уживаат еднаков третман и да им се дадат еднакви можности и прилики да се соочат со предизвиците што ги очекуваат.

Техничката влада очигледно нема еднаков аршин за сите ученици што завршуваат средно училиште во Република Македонија. Имено, иако на ден 16 Мај 2019 година е прогласен и потпишан Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и востановен е составот за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, чија цел е обезбедување на ПРИНЦИПОТ НА ЕДНАКВОСТ, како и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слобода на сите физички и правни лица каде во чл.3 алинеа 2-влегува и образованието, а според чл.4  алинеа 1- сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во уживањето и остварувањето на сите права и слободи, а со алинеа 7 се докажува дека легитимната и оправдана цел е соодветствувањето со реалните потреби во услови на пандемијата со Covid -19 и прогласената вонредна состојба во државата и со донесена Уредба со низа на недостатоци од страна на Министерството за образование и наука и техничката влада, извршија ДИРЕКТНА ДИСКРИМИНАЦИЈА  и нееднаков аршин според чл.8 алинеа 1, врз учениците од минатата учебна година.

Ваквиот пристап не само што не е праведен тука е фрустрирачки за сите оние ученици кои завршија минатата година, од различни причини не полагаа државна матура. Исто така, ваквиот пристап на техничката влада преку Уредбата бр.116 од 05.05.2020 година со законска сила е контрадикторен на веќе донесениот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Техничката влада најитно и без одлагање да најде решение и овозможи еднаков третман и на учениците кои завршија во ланската учебна 2018/2019 година, кои имаат желба да го проолжат своето образование и покрај една година пауза. Тоа не е само барање на овие генерации, ова е и уставна обврска, со цел да се овозможи под еднакви услови за сите право на образование, особено кога пандемските околности направија ситуација која бара праведно, а не дискриминирачко решение.

Кога веќе го отвараме прашањето на образованието и присутните процеси во него се отвара уште еден сериозен проблем, со кој една цела категорија просветни работници се обесправени и третирани како недостојни да бидат наградени за својота работа и својот труд. Воопшто техничката влада нема претстава за условите во кои работат просветните работници и нивните ученици; забораваат дека учењето од далеку претставува дополнителен и исклучително сериозен напор, како за просветните работници, така и за учениците; техничката влада заборава дека инвестирањето во образовните капацитети е вложување во иднината и оттука просветните работници заслужуваат посебна почит, посебен третман и секако соодветна награда, како луѓе кои со своето знаење и својата работа моделираат кадри за стопанството, за земјоделието, за администрацијата и за сите пори на опшественото живеење.

За образовниот систем, техничката влада донесувајќи уредба со законска сила спротивна на Законот за спречување и заштита од дискриминација, по се’ изгледа самата себе си се доведе во шах-мат позиција од што последиците не само што ќе се одразуваат на квалитетот на образованието, тука на долг рок ќе се одразуваат на квалитетот на работењето на стопанството, земјоделието, администацијата и на сите пори на опшественото живеење.

Автор: Зоран Ристески за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.