Обрван ќе им даде шанса и на младите ракометари

Селекторот на маккедонската машка ракометна репрезентација го поднесе својот извештај до челниците на Ракометната федерација на Македонија, по настапот на Европското првенство во Данска. Тој доби целосна поддршка за стореното на првенството каде ракометарите го освоија 10. место.

Обрван настапот во Данска го оцени како успешен, притоа нагласувајќи дека на проблемите со повредите не сака да се гледа како на можност за некаков изговор.

„Остварениот резултат е успех со оглед на сите околности, иако на повредите не сакам да се гледа на можност за некакви изговори. Имав можност на едно вака големо натпреварување да ги видам сите ракометари, и сега имам уште подобра слика за тоа во кој правец треба да се движиме во иднина. Наредниот период во селекцијата сигурно шанса ќе добијат и помлади ракометари, од кои со тек на време очекуваме да прераснат во нови лидери на националниот тим“, истакна Обрван.

Тој искажа и пофални зборови за предводниците на репрезентацијата Филип Миркуловски, Кирил Лазаров, Борко Ристовски и Стојанче Стоилов.

„Миркуловски е навистина врвен професионалец каков ретко се наоѓа. Тој е вистински пример за настап во националниот дрес, ракометар кој комплетно се става во функција на репрезентацијата. На првенството во Данска одигра и подобро од што можеше. Миркуловски едноставно е злато вреден за нашата репрезентација. Но, мора да се напомене  дека Лазаров и Ристовски се лидери на тимот и тие го носат товарот на големите натпреварувања“, додаде Обрван.