(ФОТО) ОБСЕ нема дадено потврда дека ќе следи избори, туку бара датум за да каже датум

Мисијата на ОБСЕ има испратено писмо до Министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров во кое велат дека нивната набљудувачка мисија ќе зависи од протоколите за патни ограничувања и протоколите поврзани со здравјето.

НетПрес во врска со овој проблем уште кон крајот на април побара мислење од мисиите на ОБСЕ/ОДИХР и Европската унија за одржување на избори во Македонија. Од ЕУ и по неколку дена изостана одговорот, додека од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ одговорија дека „Не е до ОДИХР да кажува дали треба да се одржат избори или не, бидејќи ова е суверена одлука донесена од секоја земја во која работиме во регионот на ОБСЕ“. Сепак тогаш потврдија дека „ја изразивме нашата загриженост пред претседателските избори во Полска, планирани за 10-ти мај, во изјава и во правното мислење што го објавивме претходно оваа седмица“.

„Организацијата ОДИХР беше принудена да ја запре својата изборна мисија (на 17-ти март – з.р.) за набљудување на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија, поради избувнување на пандемијата Ковид-19, што доведе до ограничувања на патувањата и затоа што стана потенцијално небезбедно за нашите набљудувачи и персонал да ја извршуваат нивната работа… ОДИХР ги извести властите на Македонија дека е подготвена повторно да ја распореди набљудувачката мисија откако повторно ќе започне изборниот процес, земајќи ја предвид здравствената состојба и условите за патување во тој момент (согласно насоките за патување во регионот и здравствените директиви, како што стои во привремениот извештај на мисијата објавен претходната седмица – з.р.)… Како и секогаш, ОДИХР внимателно ги следи изборните движења во земјата за да ја процени нивната усогласеност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ за одржување демократски избори“, се наведува во одговорот.

А, во посоченото правно мислење од 7-ми април во врска со ситуацијата во Полска, на кое се посочува во дописот, директорката на ОБСЕ/ОДИХР Ингибјерг Соулруин Гисладетир, меѓу другото, истакнува дека „вистински избори бараат автентична кампања во која гласачите можат да ги слушнат програмите и мислењата на сите кандидати со цел да направат добро информиран избор… Тековните ограничувања на јавните собири поради пандемијата ја прават кампањата речиси невозможна“, се наведува во изјавата и се изразува стравување дека доколку полските претседателски избори се одржуваат во сегашните околности, можеби нема да бидат почитувани бројни меѓународни стандарди за изборниот процес. Веројатно, посочувањето на оваа изјава претпоставува дека истото мнение важи и за Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.