ОБСЕ/ОДИХР: Кампања негативна кон жената, изборите мирни

Првиот круг на седмите локални избори минал мирно и со почитување на основните права, меѓутоа неопходни се реформи, е оценка на ОБСЕ/ОДИХР по вчерашното гласање во земјава. Набљудувачите на мисијата нотирале присуство на натпреварувачки дух, но и проблеми со фингерпринтерите, апарати што првпат се користеа во изборен процес во земјава.

– Изборниот ден беше мирен, со почитување на основните права и слободи и со натпреварувачки дух. Главните парламентарни партии имаат системски предности во распределување на ресурсите, меѓу другото и за медиумите. Кампањата се водеше слободно, но на моменти беше присутна негативна реторика кон жените кои не беа соодветно застапени – рече Тана де Зулуета, шефица на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Забелешки за недоволната застапеност на жените се однесува особено меѓу кандидатите за градоначалници.

Меѓу кандидатите за советници имаше 45 проценти жени. Некои од беа и носители на листите, меѓутоа кај кандидатите за градоначалници само 25 беа жени од вкупно 312 или само осум отсто, нагласи Зулуета.

Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, кои ги имаше вкупно 165 од 29 земји, нотирале и случаи на семејно гласање, како и проблеми со тајноста на гласањето, што ги окарактеризираа како изолирани, но, сепак, присутни.

Забележани се проблеми и со тајноста на гласањето, како и случаи на мешање во броењето. Сите проблеми беа предизвикани од претставници на кандидатите, рече Зулуета.

Во оценката на ОБСЕ/ОДИХР за вчерашниот изборен ден и за пројавените проблеми со фингерпринтерите, немањето доволно истраги за пријавите за заплашување, а се истакнаа и нејаснотии во законодавството за решавање на изборни спорови

Во тој контекст, Де Зулуета ја нагласи потребата од реформирање на изборниот процес за што, паралелно треба да има и јавна дебата.