ОБСЕ/ОДИХР на конкурс бара експерти за следење на изборите на 5 јули

ОДИХР објави конкурс со кој бара тим на експерти од различни области кои треба да ги следат вонредните парламентарни избори во земјата на 5 јули. Меѓународните набљудувачи се очекуваат во земјата по 19 јуни – објави Дојче Веле.

ОБСЕ/ОДИХР распиша конкурс за експерти кои треба да ги следат предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 5 јули годинава. Во соопштение објавено денеска на интернет-страницата на институцијата, се наведува дека е прифатена поканата на македонската влада за следење на изборите.

„По официјалната покана да се набљудуваат предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 5 јули, и во согласност со својот мандат, ОДИХР се подготвува да испрати Специјална мисија за проценка на изборите“, се наведува во соопштението.

Во отворениот конкурс кој завршува на 16 јули, ОДИХР бара шеф и заменик на шефот на мисијата во Северна Македонија, политички аналитичар, изборен аналитичар, аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник.

Мисијата ќе биде во траење од три недели, а сите кандидати треба да бидат на располагање за извршување на задачите уште од 19 јуни.