ОБСЕ: Поради репресиите потреби се промени во надворешната политика кон Русија

Мисијата на САД во ОБСЕ ги поддржува протестите во Русија изминатиот викенд на петтата годишнина од убиството на опозицискиот лидер Борис Немцов, додека поради се поизразените репресии на власта во Москва, мисијата советува промени во надворешната политика кон Русија.

– Честитки до илјадниците храбри Руси кои во саботата маршираа во спомен на Немцов, и дигнаа глас за потрага по правда и одговoрна влада, Џејмс Гилмор, амбасадор на САД во ОБСЕ, изјави синоќа на брифинг за новинарите во Вашингтон.

Според високиот претставник, САД не ја признаваат анексијата на Крим и се повикуваат на меѓународното право во Европа втемелено во Хелсиншката декларација на ОБСЕ со која се гарантираат границите на Европа по Втората светска војна.

Заклучниот aкт од Хелкински е документ потпишан од 35 земји на конференцијата на ОБСЕ во 1975 година, свикана по предлог на социјалистичките земји, членки на тогашниот Варшавски пакт.

– Со инвазијата на Крим и окупацијата на источниот дел на Украина, Русија го прекрши тој договор, посочи Гилмор.

Укажа на загрижувачката ситуација на Крим од каде стигаат извештаи за засилени репресии вршени врз кримските Татари, со апсења, затворања и измачувања.

Според него, независните медиуми кои известуваат за и од Крим се субјекти на блокада наметната од властите. Сето ова е прекршување на принципите на Хелсиншката декларација, изјави тој, додавајќи дека затоа треба да има измени во надворешната политика кон Русија.

Гилмор посочи дека ОБСЕ останува златен стандард за изборните процеси и мониторинг на изборите насекаде, и организацијата застапува набљудување на изборите како во Русија така и во САД.