Обука за оценување на администрацијата според принципот 360 степени

Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Високата школа за јавна администрација ENA од Франција, на 12 и 13 јуни, спроведуваат обука на тема „Управување со перформанси и оценување на администрацијата според принципот 360 степени„.

Целта на обуката е државните службеници да се запознаат со овој систем на оценување, кој ќе биде презентиран од страна на експерти од Франција. Обуката е составена од неколку сесии, а по нејзиното завршување ќе бидат доделени сертификати за учесниците од Високата школа јавна администрација ENA од Франција. Целна група се државни службеници чиишто работни задачи се поврзани со управувањето со човечки ресурси, односно државни службеници кои се задолжени да го координираат процесот на оценување во органите на централната и локалната власт.

Обуката беше отворена од државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија и францускиот амбасадор во Република Македонија, Лоренс Оер, кои го истакнаа значењето и важноста на воспоставувањето стандарди со кои се креира компетентна и стручна администрација.

„Цениме дека искуството од државната администрација во Република Франција, како земја-членка на ЕУ, со долгогодишна историска традиција на градење и континуирано унапредување на демократијата, владеењето на правото и особено надградување на професионално воспоставениот, сервисно ориентиран и транспарентен систем на државна служба, е од огромно значење за нас. Ние сме во фаза на подготовки за примената на новиот Закон за административни службеници, во кој за прв пат се преминува од класичниот, едностран модел на оценување (претпоставен-подреден) кон сосема нов модел на оценување – т.н. модел 360 степени.„- рече во своето обраќање државниот секретар Јахија.

Францускиот амбасадор Оер истакна дека настанот претставува прва активност која се спроведува во рамките на договорот склучен со Министерството за информатичко општество и администрација пред година и половина.

„Станува збор за нова методологија која се однесува на проценка на персоналот и претставува корисен инструмент за оценување на работата на државната служба. Француската амбасада секогаш се фокусира на квалитетот на обучувачите при вакви процеси, па очекуваме и овојпат успешно да бидат пренесени искуствата и праксата од страна на експертите на Високата школа за јавна администрација ENA од Франција.„- рече амбасадорот Оер.