Обвинение за 20-годишен арчиновец за неовластена продажба на марихуана

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице, на возраст од 20 години, со кој го товари дека сторило кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Дрогата кај обвинетиот, како што е наведено во соопштението од Обвинителството, била пронајдена на 23 февруари при претрес на неговиот дом во Арачиново.

Наркотична дрога – марихуана спакувана во едно поголемо пакување облепено со селотејп трака,  со нето маса од 1007,8 грама,  обвинетиот ја држел заради продажба  скриена во плакар во подрумска просторија.

Поради опасност обвинетиот да се крие или да се даде во бегство, но и можност да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до  Основниот кривичен суд Скопје со обвинението доставил и посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетиот.​