Обвинение за две лица кои пренесувале дрога преку Охридското Езеро

62

По спроведена истрага против четири лица, Обвинителството поднесе обвинителен акт за двајца македонски државјани за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Од Обвинителството велат дека осомничени биле и двајца државјани на Албанија, од кои за едниот била запрена кривичната постапка бидејќи немало докази, а за другиот кој е недостапен за ограните, издадена е наредба за прекинување на истражна постапка која ќе продолжи по неговото пронаоѓање.

Двајцата обвинети, со засега непознато лице и осомничениот кој е недостапен, во текот на месец февруари, минатата година договориле неовластено купување заради продажба на наркотична дрога – марихуана. Според договорот, дрогата требала да биде пренесена од Албанија до Македонија по водите на Охридското Езеро.

Непознатото лице ја пренело дрогата сместена во пет вреќи, со моторен чамец до брегот во близина на струшкото село Калишта и ја предал на лице кое е веќе осудено за истиот настан. Осудениот потоа се договорил со обвинетите да им ја предаде дрогата, но не успеал. Во моментот кога се упатил кон договореното место бил запрен од страна на полициски службеници од СВР Охрид и по извршен претрес, на задното седиште во возилото со кое ја пренесувал дрогата биле пронајдени 14 пакувања наркотична дрога – марихуана со различна тежина, со вкупна нето маса од 38,955 килограми.​

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.