14.8 C
Skopje
четврток, април 18, 2024

Обвинение за ‘Ел Чека’, поради ‘бомбите’ за ДУИ

Основното јавно обвинителство Кичево поднесе во вторникот обвинителен предлог против лицето под псевдонимот „Ел Чека“ кое во изминатиот период на својот фејсбук профил објавуваше аудио-записи за кои тврди дека го компромитираат раководството на владејачката ДУИ, со што според обвнението сторило продолжено кривично дело „неовластено прислушување и тонско снимање“, според член 151 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Најголем дел од „бомбите“ се однесуваат за ДУИ и најтесното партиско раководство. Шеќерим Ахмети „Ел Чека“, кој инаку не го крие својот идентитет, живее во Соединетите држави, а од пред неколку седмици почна да објавува прислушувани разговори. Паралелно, освен редовното обвинителство кое го истражуваше објавувањето нови „бомби“, истрага води и СЈО од каде запленија нелегално прислушувани разговори кај бизнисменот Љупчо Палевски и кај Захир Бекири – Чауш.

„Обвинетиот при крајот на месец мај оваа година, од профил на една социјална мрежа, претставувајќи се како ‘El Cheka’ објавил повеќе тонски снимени прислушкувани телефонски разговори на повеќе лица. Со тоа обвинетиот им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и на други неповикани лица да се запознаат со содржината на тонски снимените разговори“, се наведува во соопштението за јавноста на кичевското обвинителство.

Се забележува дека во последниот периот е зачестена појавата на објавување неовластено прислушувани и снимени разговори, од Јавното обвинителство укажуваат дека секое објавување на неовластено прислушкувани разговори е кривично дело согласно член 151 став 2 од Кривичниот законик, во кој е пропишана казна затвор од 1 до 5 години за секој што „ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана“.

„Овие појави Јавното обвинителство ги следи внимателно и ќе постапи согласно своите надлежности“, се додава во соопштението.