Обвинение за парижанката која со електричен тротинет усмрти жена

Обвинителството во Париз подигна обвинение против млада жена, осомничена дека со електричен тротинет во пешачката зона на француската престолнина удрила 32-годишна Италијанка која починала од повредите во болница.

Младата парижанка е уапсена во четвртокот и денеска е обвинета за убиство без предумисла со две отежувачки околности, бегство и намерно кршење на безбедноста и претпазливоста. Според извори блиски на истрагата, станува збор за медицинска сестра.

Несреќата се случила кусо по полноќ на 14-ти јуни во пешачката зона по должината на реката Сена во центарот на Париз. Таму се собрале педесетина лица, меѓу кои и Италијанката којашто се сретнала со колегите од работа. Разговарала со пријателка кога силно ја удрил електричен тротинет на кој имало две млади жени кои побегнале.

Повредената жена во тешка состојба била пренесена во болница, каде што по два дена, на 16-ти јуни, починала како последица од здобиените повреди.

Десет дена по несреќата, девојката којашто го управувала и другата жена на тротинетот се притворени.

Колку што е познато, ова е втор трагичен случај во Париз со учество на електричен тротинет, откако 75-годишна жена смртно настрадала во налетот на тротинет управуван од 31-годишен маж.

Возачите на електричните тротинети и сличните возила во Париз повредиле 78 лица, според податоците на сообраќајната полиција, која поседува информации само за несреќите во кои интервенирала полицијата.

Француската влада ја регулираше употребата на ваквите возила на електричен погон кои се речиси бесшумни во октомври 2019 година, а нивното користење дожиева експанзија последните години, особено во големите градови како средство за избегнување на сообраќајните метежи.

Според одредбите од законот, електричните тротинети не смеат да се движат со брзина поголема од 25 километри на час и смее да ги вози само едно лице не помладо од 12 години, а исто така смеат да се движат само по одбележаните велосипедски патеки. Властите на Париз, пак, во летото 2019-та ја намалија дозволената брзина за движење на електричните тротинети на 20 километри на час на одбележаните патеки и на 8 километри на час во пешачките зони. Покрај тоа, забрането е нивното паркирање на тротоарите.