Обвинение за силување за режисерот Лук Бесон

488

Францускиот режисер и продуцент Лук Бесон една актерка го тужи за силување и отворена е истрага, соопштија во саботата извори блиски на судот и истрагата, додека самиот Бесон ги отфрла обвинувањата.

„Лук Бесон категорички ги одбива овие лажни обвинувања. Станува збор за лице коешто тој го познава и кон кое никогаш не се однесувал непримерно“, реагираше адвокатот на режисерот Тиери Марамберт.

„Тужбата се однесува на настани коишто тужителката ги нарекува силување, а се случиле ноќта меѓу четвртокот и петокот во Париз. Отворена е истрага“, изјавил судски извор, пренесува агенцијата AFP.

Според извори блиски на предметот, млада 27-годишна актерка во полициска станица во петокот пријавила настани кои се одвивале претходната ноќ во парискиот хотел „Bristol“.

Педесет и деветгодишниот Бесон, кој се прослави со филмот „Големото синило“ од 1988 година и со „Никита“, „Петтиот елемент“, „Сабвеј“ од 1980-те години, не е испрашуван, бидејќи во моментов престојува во странство.

Бесон досега се женел четири пати, а последен пат во 2004 година со филмската продуцентка Вирџини Сила. Со втората сопруга Маивен Ле Беско се венчал кога имала 15 година, откако забременила со неговата втора ќерка Шана. Бесон тогаш имал 32 години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.