Обвинет во „Тврдина-Таргет“ признал вина, добил условна казна

Еден од обвинетите „Тврдина-Таргет“ врз основа на признание на вина е осуден на условна казна затвор во траење од шест месеци доколку во рок од две години не стори друго кривично дело, соопшти во средата Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Тоа значи дека е донесена прва правосилна пресуда за предмет што го води ова обвинителство.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ е раздвоена кривичната постапка за едно лице, за кое, врз основа на признание на вина, на 17 ноември е донесена пресуда. На обвинетото лице му е изречена алтернативана мерка-условна осуда за кривичното дело Помагање на сторител во извршено кривично дело, се истакнува во соопштението од СЈО.

Предлогот за раздвојување, како што се додава, бил истакнат од страна на СЈО, при што се имал предвид интересот на обвинетото лице за побрзо завршување на постапката, како и економичноста и целисходноста на постапката.

Во споениот предмет „Таргет-Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски

Од СЈО, не го откриваат идентитетот на обвинетиот на негово барање. Единство што може да се каже е дека лицето било одговорно за бришење на логови од системите за прислушување, што го потврди и експертот од компанијата „Ериксон“.

СЈО го поддржува секој придонес за утврдување на фактичката состојба и од таму се надеваат дека ова признание на вина ќе придонесе за целосно расветлување на обвинението кое се однесува на начинот на кој се спроведувало масовното прислушување во УБК, како и уништувањето на опремата за прислушување, се додава во соопштението.

Во овој предмет обвинети се и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски, а освен тие обвинети се и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски, поранешната министерка Гордана Јанкулоска и уште осум лица.