Обвинетите за обид за убиство на Села осудени на вкупно 81 година затвор

Седумината обвинети за обидот за убиство на претеникот Зијадин Села се осудени на вкупно 81 година затвор денеска во Кривичниот суд во Скопје.

Обвинетите се виновни бидејќи со умисла се обиделе од живот да го лишат пратеникот Зијадин Села, рече судијката Славица Андреевска, опишувајќи ја улогата на секој од обвинетите, односно кој го извлекол Села од кругот на останатите пратеници, како и тоа кој го газел и удирал по главата и телото.

Според пресудата, најголема казна од 13,6 години доби Никола Војминовски, а Кире Георгиевски и Александар Јаневски Тошта добија по 13 години затвор. По десет години и шест месеци затворски казни добија Андреј Мицов, Николче Димитриевски, Оливер Ошавковски и Коста Делов.

Според кривичното дело за кое се гонеа, на обвинетите им се закануваа затворски казни од 5 до 15 години.

Обвинителот Дарко Јакимовски побара обвинетите, од кои Војминовски и Јаневски се во куќен притвор, до правосилноста на пресудата да останат во притвор.

Првично за нападот на Села беа обвинети десетмина, но обвинителот Дарко Јакимовски пред завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.
По признанието на вина, за истото дело неодамна на обвинетиот на обвинетиот Стојан Павлевски му беше изречени казна затвор од три години, а на Цејо Георгиевски една година и два месеци. Во казната на обвинетите им се пресметува и времето поминато во притвор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.