Обвинител бара забрана за политичко делување на градоначалникот на Истанбул

Турски обвинител во петокот побара од судот да го осуди и да му забрани занимавање со политика на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој се издвојува како директен противник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, бидејќи навредувал јавни функционери но случајот е одложен до декември.

На Имамоглу му се суди за говорот од 2019 година за локалните избори кои таа година беа поништени а во кој функционерите кои ја донеле таквата одлука ги нарече „будали“.

Анкетите покажуваат дека Имамоглу ќе му биде сериозен противник на Ердоган, доколку се кандидира на претседателските избори следната година. Опозицијата, инаку, сѐ уште не избра претседателски кандидат.

Судот го одложи процесот за да го разгледа барањето на адвокатот на Имамоглу за изземање на судијата. Следното рочиште е закажано за 14-ти декември. Максималната казна за навреда на јавни службеници и функционери е пет години затвор.

Властите ги забранија протестите околу судот и полицијата ги затвори сите приоди кои водат кон судот на азиската страна од Истанбул. Повеќе од илјада приврзаници на Имамоглу, сепак, се собраа на плоштадот оддалечен околу два километра, носејќи знамиња на партијата на градоначалникот и порачувајќи „Нема да те оставиме“.

Според некои политички коментатори турските претседателски избори во 2023 година би можеле да зависат дали Републиканската национална партија (CHP), на Имамоглу, и другите опозициски партии ќе направат коалиција против Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (AKP), којашто владее повеќе од 20 години а својот подем го започна токму со победата на Ердоган на изборите за градоначалник на Истанбул во 1994 година. Ердоган таа година беше осуден на затворска казна под обвинување за „поттикнување верска омраза“, по што во 2001 година ја формираше AKP.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.