Обвинител им кажал на Спасовски и на Маричиќ за можното бегство на Мијалков, вели Заев

Реков дека одговорност за случајот со Сашо Мијалков ќе има, без разлика што со сите чекори што ги презедоа институциите го принудија да се пријави пред правдата и да го прими решението за притвор, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

– Исто така, охрабрив да продолжи истрагата за евентуална одговорност. Истрагата нормално ја водат обвинители. Логично, од средата наваму по откривањето на Сашо Мијалков, истрагата е распоредена кај некој обвинител, да види дали системот имал некаде слабости, некои пропусти или слично и да ги оквалификува и окарактеризира од каков тип и природа се. Тоа секако е со цел да не се повторуваат одредени слабости, доколку постоеле – нагласи Заев одговарајќи на новинарско прашње на денешното промовирање на новиот изглед на Универзалната сала во Скопје.

Тој додаде дека за тековната истрага повеќе детали ќе може да каже Јавното Обвинителстовто, кое и го води целиот случај околу бегството на Мијалков и класифицирањето и систематизирањето на неговиот имот.

Запрашан дали има префрлање на топката меѓу Јавното обвинителство и одредени министри околу овој случај, Заев рече дека ЈО добило информацијата за можно бегство на Сашо Мијалков и соодветниот јавен обвинител го соопштил тоа на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на другиот министер надлежен во тој дел министерот за правда Бојан Маричиќ.

– По информации дека е можно бегство на Сашо Мијалков, во саботата, кога веќе е тоа потврдено, јавниот обвинител се јавува на министерот за внатрешни работи, при што јавниот обвинител е самостоен во ваквата постапка. Доколку има такви информации, логично е, како и што постапил, да бара и од самиот Суд изрекување мерка притвор – додаде Заев, истакнувајќи дека барањето е поднесено некаде околу 14 часот, а некаде околу 18.30 Судот носи мерка за домашен притвор.

Околу одговрноста на министри за целиот случај, премиерот нагласи дека Владата не испитува одговорност во сопствените редови, поради тоа што нејзините членови „може да бидат пристрасни меѓусебе“.

– Јавното обвинителство е тоа што води истрага со сите елементи. Поради тоа што тоа е независен дел од работењето на системот и за да ни покаже точно каде имало пропусти, доколу секако постоеле пропусти – додаде Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.