Обвинителите пропуштија шанса да ја докажат својата професионалност

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ потсети како оваа влада предводена од СДС го започна својот мандат односно дека рекле дека е откриен уред за прислушкување на судии и обвинители.

-Како го започна мандатот оваа влада се сеќавате? Кога рече дека откриен е уред за прислушкување на обвинители и судии. Знае некој што се случи со тоа? Јас знам дека тоа е во фиока, тоа е официјалното објаснување, рече тој.

Мицкоски во текот на своето гостување потенцираше дека судиите и обвинителите ја пропуштија шансата да ја докажат својата професионалност бидејќи беа насочени кон тоа да им се допаднат на политичките елити.

-Тоа е посебно што таа фела навистина испушти шансата да покаже и докаже дека може да биде над ситуацијата. Зборам за обвинителите и судиите, бидејќи нема потреба од толку вовлекување на политичките елити за да бидат утре обвинители и судии, апсолутно никаква потреба нема. Има поединци кои што губат и свој образ и човечко достоинство и се, само за да напредуваат чекор повеќе, од Основен во Апелационен, од Апелационен во Врховен или од Основно обвинителство во Вишо и така натаму. Се губи она елементарно човечко достоинство. Во ред е да имаш амбиција, тоа е природно, човечки, ама тоа да има природен тек, не можеш ти по секоја цена сега црното, бело да го правиш, зошто, затоа што така некој ти наредил и да си играш со човечки судбини, додаде тој.