Обвинителка од Гевгелија преку Вибер оддавала службени тајни на сопругот-адвокат

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гевгелија, до Основното јавно обвинителство во Гевгелија, поднесе кривична пријава против Е.С. (34) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело оддавање службена тајна.

ОJO Гевгелија иницираше постапка против едно лице, вработено во Казнено-правното одделение на ова обвинителство како помлад јавнообвинителски соработник за казнено право. Oбвинителствоto располагала со основи на сомневање дека пријавената сторила кривично дело oддавање службена тајна. Пријавената е под сомнение дека во периодот од средината на 2017 година до 23.05.2018 година во повеќе наврати испраќала службени документи од Основното јавно обвинителство Гевгелија на неповикано лице – адвокат, а со цел противправно прибавување имотна корист, како и нарушување на честа и угледот на институцијата во која работела. Пријавената ова го правела без дозвола и без знаење на обвинителите кои работат во Основното јавно обвинителство Гевгелија, велат од ОЈО.

Осомничената на адвокатот, инаку нејзин сопруг, му испраќала кривични пријави, службени белешки и други документи изработени од организациони единици на Министерството за внатрешни работи, записници, спогодби и други документи изработени од Основното јавно обвинителство во Гевгелија, службени документи издадени од Основниот суд во Гевгелија кои преставуваат службена тајна, како и документи од други јавни установи, кои директно или индиректно биле поврзани со предметите за кои овој адвокат се јавувал како ополномоштен бранител пред судски или јавнообвинителски предмет.

Заради пронаоѓање предмети кои потекнуваат од кривично дело, по Наредба на Основен суд Гевгелија, припадници на Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Отсек за економски криминалитет во Гевгелија на 23.05.2018 година извршија претрес во службените простории на Основното јавно обвинителство Гевгелија, при што од канцеларијата на осомничената беше одземен нејзиниот службен компјутер.
Основното јавно обвинителство Гевгелија издаде Наредба до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР да изврши форензичка анализа на одземениот компјутер. Извештајот од извршеното вештачење ги потврди сомневањата дека пријавената, користејќи инсталирана апликација VIBER, на адвокатот неовластено му испраќала службени документи и податоци кои претставуваат службена тајна.

Со оглед на тоа што се работи за постапка против лице вработено во Основното јавно обвинителство Гевгелија, ова обвинителство по комплетирање на предметот, достави барање за преземање на надлежноста до Вишото јавно обвинителство Скопје кое треба предметот да го распореди на натамошно постапување во друго обвинителство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.