Обвинителот Пеливанов бара нов притвор за Мијалков

Јавниот обвинител Трајче Пеливанов по пресудата за случајот Трезор“, побара притвор за ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за овој предмет.

Пеливанов во образложението на барањето за притвор рече дека Мијаков е моќен човек кој има големо влијание и дека се јавува потребата од обезбедување мерка за негово присуство поради можност од бегство. Тој побара на Мијалков да му се укине притворот за случајот „Таргет тврдина“ кој истекува на 27 април и да му се одреди притвор за случајот „Трезор“.

Во образложението Пеливанов рече дека преку Европол се потврдени податоците дека Мијалков има дозвола за престој во Прага, но и дека поседува две возила регистрирани на негово име.

– Судот треба да го цени фактот дека Мијалков е лице кое е добро ситуиран и дека тој и неговото семејство поседуваат приватни бизниси што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство – рече Пеливанов.

„Кој ќе ја сноси одговорноста, кога се предлага мерка притвор, кога за овој кривично-правен предмет одбраната е цврсто убедена дека нема ниту еден релевантен доказ, кој оди во прилог на обвиниенето. Напротив, изнесените докази се на страната на одбраната, но тоа ќе го истакнеме во жалбата кон Апелација“, истакна одбраната на Мијалков.

Во врска со тврдењето дека Мијалков, како моќен човек и како сопственик, има  ексклузивитет и комоција и дека токму поради овие причини би можел да се даде во бегство, одбраната тврди дека ваквата теза е погрешна и оди во прилог на тврдењето дека некој, во конкретниот случај клиентот, кој има повеќе бизниси во државата, во никој случај нема да го направи тоа.

„Тоа е причина повеќе да остане во државата. И самиот суд во своето образложение го наведе како факт коректното држење и почитување на одлуките како во однос на мерките на претпазливоста до изрекување на пресудата, во однос на предметот ‘Таргет Тврдина’, па тоа ни дава со право да тврдиме дека не постои опасност од бегство. Ваквото барање е неосновано – истакнаа од одбраната на Мијалков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.