12.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Обвинителски раскази

Леснотијата со која одредени субјекти во нашата држава преминуваат преку одредени суштински работи, како и банализирањето и намалувањето на значењето на тие работи, се чини станува наше секојдневие и наша „очекувана“ реалност. Па така, полека, со текот на времето, ненормалното станува нормално, погрешното станува исправно, лагата станува вистина, а етиката, рационалноста и здраворазумското расудување остануваат само празни зборови и празни концепти, без значење и без форма, и без апсолутно никаква вредност. Доколку ваквата состојба не се прекине навреме, постои опасност да го проголта целото општество и да го уништи секој обид на слободно расудување и критички осврт.

Овој вовед на мојава најнова колумна, чинам дека беше потребен за да Ви ја доловам моменталната состојба на нашето општество, и за да направам одредена увертира кон она за што сакам да го задржам Вашето внимание. Имено, внимателно го набљудував развојот на ситуацијата со прислушувањето во рамките на Јавното обвинителство, како и разните „салто мортале“ изјави на високи носители на функции и нивното плеткање во сопствената мрежа на лаги и изговори. Да ја тргнеме настрана очигледната цел на целата оваа афера, а тоа на сите ни е јасно дека беше (по којзнае кој пат во последно време) обидот за дефокусирање на јавноста и пренасочување на вниманието на граѓаните кон оваа афера, со цел други работи да поминат незабележано и да се протнат под радарот на јавниот интерес. Ќе се задржам само на неколку суштински работи и ќе поставам неколку прашања, на кои не очекувам некој да даде одговор, но ете, барем оние кои ќе ја прочитаат оваа колумна ќе бидат поттикнати на критичко размислување и донесување на сопствени заклучоци.

Најпрво, и покрај целиот конфузен настап на плејада високи државни функционери околу ова прашање, еве да прашам дали се дозна точниот датум кога почнало тоа прислушување? Најпрво беше септември 2016, па потоа да се ретерира и да стане 2013 година. Но, ете, било која од овие две верзии да е точна и независно кога почнало тоа прислушување, ние сепак не бевме информирани каде завршиле материјалите од тоа прислушување? Каде се разговорите помеѓу обвинителите водени преку фиксните телефони, но каде се и разговорите кои се воделе од фиксните телефони на обвинителството кон и од телефоните надвор од обвинителството? Со кого комуницирале обвинителите, и што содржи таа комуникација? Дали имало разговори со правосудната полиција, со судиите, со сведоците, со обвинетите? Па, дури и разговорите помеѓу самите обвинители внатре во зградата на обвинителството за одредени политички, безбедносни, па ако сакате и криминални групации, би биле од голема важност.

Добра аналитичка екипа, врз основа на овие внатрешни разговори би можела да склопи прилично јасна слика за одредени случувања кои се во доменот на нејзиниот интерес. Кога сме веќе кај содржината на разговорите, а имаме ситуација во која обвинителите можеби и не знаеле дека се снимани, можеби и некои разговори изобилуваат со содржини кои потоа може да се искористат за компромитирање на самите обвинители, како и да се искористат од надворешни лица за нивно уценување и остварување на влијание врз нив и врз нивните понатамошни одлуки во одредени постапки. Ваквата ситуација не носи кон уште еден проблем, на едно повисоко ниво, кој веќе е со капацитет сериозно да ја наруши независноста и професионалноста на обвинителството.

Дали оној кој ги поседува снимките од прислушуваните разговори, кој и да е тој, бидејќи нели, не знаеме во чии раце завршиле, нема да ги искористи тие снимки за да оствари некои свои цели? Во ситуација кога имаме прогнозирање на судски процеси, закани за кривични пријави, отворени закани со кривични прогони, сосема нормално е да се појават сите овие прашања кај граѓаните и да ги заинтригираат. Токму затоа, многу е важно за сите засегнати страни од оваа најнова (којзнае веќе која по ред) афера со прислушување, да излезат и до детали да им објаснат на сопствените граѓани, од чии даноци земаат плата и пред кои имаат обврска законски и непристрасно да ја вршат својата работа, што всушност се случува, како тоа се случило, кои може да бидат последиците од оваа афера, и на крај што превземаат сега и што ќе превземат во иднина, со цел да осигураат и да гарантираат пред граѓаните дека вакво нешто нема повторно да се случи. Кога ќе го изјават сето ова, достоинствено да си ја превземат одговорноста за својата неуспешна работа, и да ги напуштат местата за кои очигледно не се дораснати. Само тогаш, ќе може колку толку да се оправдаат пред граѓаните и да внесат верба кај сите нас, дека во оваа држава има ред и закон, и дека се работи професионално и независно, а не по нарачка и по диктат на некој друг, а на штета на некој трет.

Автор: Александар Нацев за НетПрес