Обвинителство го презема случајот „Големо око“, за Заев се’ било само мрчење

Материјалите поврзани скандалот „Големо око“, којшто го откри штабот на претседателската кандидатка Гордана Сиљановска Давкова, се доставени до скопското Јавно обвинителство. Назначен е јавен обвинител кој треба да истражи дали со спорната апликација „избори 2019“ објавена на сервисот „гугл плеј“ од автор под името „КЦ СДСМ“ е направена злоупотреба на изборниот процес и други кривични дела.
Од штабот на Сиљановска Давкова по денешната средба со Комисијата за мониторинг во Јавното обвинителство на изборите велат дека очекуваат побрза реакција од надлежните институции и спречување на бришење на трагите кои би воделе до извршителите на евентуалните кривични дела.

Навистина неверојатно е дека три дена откако јавноста па и Обвинителството, и МВР по допрен глас разбраа за опасноста на една политичка партија преку апликација на андроид апликација на сервисот „Google play“ да прибира и да складира информации на партиски сервер, институциите зборувам и за МВР и за Јавното обвинителство да не го одземат серверот со цел да се спречи понатамошна дистрибуција на податоците и се разбира да се утврди одговорност на лицето кое спротивно на законот прибирал и складирал информации“, вели Горан Момировски од граѓанскиот штаб на Сиљановска Давкова.

Момировски вели МВР нема направени се уште ниту форензичарска истрага за хакерскиот упад во Државната изборна комисија којшто се случил, како што тврди, во истиот период кога СДСМ ја активирале апликацијата на Гугл сервисот пред 15-тина дена.

 За Заев опозицијата само мрчи

За премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев обвинувањата на опозицијата дека се прави скандалозна злоупотреба преку апликација користена од теренски активисти на СДСМ која ги презема личните податоци на граѓаните, па дури и матични броеви се само мрчење. Но, Заев признава дека аплицикацијата ги содржи информациите на граѓаните кои се наоѓаат на Избирачкиот список подготвен од Државната изборна комисија.

„Како и да е кликнете на веб страната на ДИК, имате пристап до избирачкиот список, каде што се видливи податоци, согласно законот и во самата апликација тоа е дозволено и апсолутно верувам дека сето тоа што се прави е строго стопроцентно согласно законите во нашата земја и никако не задира во личните податоци на граѓаните, ниту ги копира и секако претставува нешто, што многу европски земји веќе со децении во користат“, вели Заев.

Според него, опозицијата изнесува вакви обвинувања поради исходот од изборите, којшто според Заев, ќе биде во полза на СДСМ и нивниот кандидат.

Ова е резултат на некој што знае каков ќе биде резултатот, па почнува да мрчи, како што мрчел и тоа е тоа што се случува, вели Заев прашан да објасни каква е апликацијата која што ја користат теренските активисти на СДСМ во текот на спроведување на кампањата за претседателските избори.

Апликацијата откако беше откриена од опозицијата на кратко беше тргната од сервисот на Гугл, но, веќе следниот ден повторно вратена и достапна за симнување на мобилен телефон.