Обвинителство отвори предмет за купувањето на луксузниот апартман на Верушевски

Обвинителството за гонење организиран криминал потврди за НетПрес дека отворило предмет во врска со купување на луксузен стан во комплексот „Парк Резиденс“ во срцето на Градскиот парк во Скопје во изност од 165.000 евра.

„Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по известувањето на Управата за финансиско разузнавање е оформен предмет за лицето за кое покажувате интерес и по него постапува надлежен обвинител. Во интерес на постапката обвинителството во моментов не може да сподели детали“, се наведува во одговорот на обвинителството на прашањата на НетПрес во врска со ден претходно објавениот напис.

Како што објави вчера НетПрес, на почетокот од септември годинава, актуелниот советник за безбедносни прашања на премиерот Зоран Заев, некогашниот контроверзен директор на УБК, Зоран Верушевски, ја завршил постапката за купување луксузен стан во комплексот „Парк Резиденс“ во скопскиот Градски парк.

Станува збор за апартман на самиот кеј на реката Вардар, со површина од 139 квадратни метри, и луксузно опремен со најмодерен мебел. Преддоговорот меѓу Зоран Верушевски и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „ИММОРЕКС МАКЕДОНИЈА, на Енвер Малиќи, кој е актуелен заменик-градоначланик на Град Скопје, е нотарски склучен на 26-ти септември годинава. Малиќи му го продава комплетно опремениот стан на Верушевски по цена од 165.200 евра, или по 1.188 евра за квадратен метар.

За ваква извонредно атрактивна локација и целосно лускузно опремен стан, Верушевски, очигледно добил голем попуст од Малиќи.

Меѓутоа, она што го побудува интересот е фактот што за да ги обезбеди средствата за да го плати станот, Верушевски подигнал кредит од „Шпаркасе банка“. Имајќи ја предвид висината на трансакцијата, како и фактот што купувачот е носител на јавна функција и претходното сомнително финансиско минато на сопствениците на луксузниот комплекс, банката решила оваа зделка да ја пријави како сомнителна до Управата за финансиско разузнавање. Освен погоренаведените причини, за банката и за Управата е сомнителен и самиот Енвер Малиќи, како лице кое е член на управниот одбор на Меѓународниот сојуз на Боки 13 од случајот „Рекет“. Поради тоа, директорот на УФР, Блажо Трендафилов, решил кон средината на ноември да го испрати целиот предмет кој го води како сомнителна трансакција до Јавното обвинителство за организиран криминал кај Вилма Рускоска за дополнителни проверки, меѓу кои и за случајот „Рекет“, бидејќи и продавачот но и купувачот се блиски до обвинети и можни инволвирани носители на највисоки политички функции, кои дел од медиумите ги поврзаа со овој случај.

Верушевски пред десетина години беше споменуван во случаи со малверзации со станови во државна сопственост, кога медиумите пишуваа дека незаконски се стекнал со два стана, иако според прописите можел да конкурира и да добие одобрение за купување на еден цени кои се далеку пониски од пазарните.

Кон средината на ноември сопружниците Верушевски, Зоран и Соња, вкупно од државата добија 59.000 евра отштета за деновите минати во притвор за случајот „Пуч“, кога беа уапсени во врска со аферата „бомби“, кои тогашниот опозиционер Зоран Заев ги објавуваше против поранешниот премиер Никола Груевски.

Останува да се види какви ќе бидат резулатите од истрагата на обвинителството за случајот со луксузниот апартман во Градски парк, чиј интерес, имајќи ги предвид пријавителите на трансакцијата, односно банката и управата за финансиско разузнавање, очигледно е потеклото на средствата.