Обвинителството отвори предмет за новите „бомби“

Јавното обвинителство отвори предмет во врска со новообјавените аудио снимки на социјалните мрежи  поврзани со сведокот во случајот „Рекет“, бизнисменот Орце Камчев.

– Надлежен јавен обвинител во постапката ќе утврдува кој ја објавил содржината, идентитетот на лицата кои ја објавиле содржината на овие разговори и ги поставиле на социјалните мрежи, потоа идентитетот на лицата кои што разговараат и содржината на разговорите – изјави јавниот обвинител Љубомир Јовески за телевизија Телма.

Доказите кои ќе ги собере обвинителството ќе покажат и дали евентулано лицата од разговорите ќе бидат повикани да дадат исказ кај обвинител.

– Обвинителството ја отвори оваа постапка за да утврди дали токму во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело. Зависно од доказите и сознанијата до кои ќе се дојде во постапката, соодветно ќе се постапи. Се разбира доколку има потреба ќе се повикаат и лицата, но мислам во овој момент е прерано да се говори за конкретни лица – вели Јовески.

Снимка во која наводно бизнисменот Орце Камчев бара примирје од семејството на премиерот Зоран Заев беше објавена на социјланите мрежи ден по сведочењето на Камчев во случајот „Рекет“.