Обвинителството отвори предмет за сообраќајниот софтвер на Рашковски

Основното јавно обвинителство соопшти во четвртокот попладнето дека отоврило   предмет за сообраќајниот софтвер на поранешниот секретар на Владата Драги Рашковски, по повеќедневните написи во медиумите и откако тој замина во Мексико.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“. Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во меѓувреме, откако беа издадени наредбите, Министерството за внатрешни работи до обвинителството достави известување во врска со нивното постапување во случајот“, велат од ОЈО.

Пред неколку дена беше обелоденет скандал дека Рашковски како генерален секретар на Владата набавил софтвер за следење на сообраќајни прекршоци за потребите на Министерството за внатрешни работи платен од Буџетот.

Набавката самата посебе немаше да биде скандал, но следуваат податоци кои фрлаат нова сенка на оваа набавка. Имено во МВР не знаат ниту дека истиот сервер постои, а Рашковски од позицијата на којашто бил платил со буџетски средства за систем кој осум месеци не е во функција.