Обвинителството половина година анализира докази против Асани во случајот на „судирот“ на полицајката со „пајакот“

Основното јавното обвинителство (OJO) и по шест месеци од инцидентот, сè уште ги анализира доказите за случајот со нападнатата полицајка Јасмина Јаначковска, која беше наводно повредена при извршување службена должност додека со пајак-возилото и вработени од „Градски паркинг“ му го кренале непрописно паркираниот автомобил на високиот функционер во ДУИ, Бекир Асани, пренесува Макфакс.

ОЈО не кажува колку и какви докази се обезбедени, но и дали ќе поведат обвинение против Асани. „ОЈО ги анализира прибраните докази во насока на утврдување евентуална кривична одговорнсот“, беше кусиот одговор на ОЈО.

Обвинителството не ги даде снимките од безбедносните камери на кои точно се гледа дали полицајката била нападната физички или вербално, иако во нив нема класифициран материјал. Останува нејасно зошто, ако полицајката не била нападната и сторителот има само прекршочна пријава, ОЈО отвори истрага, а снимките не се објавуваат во јавност, односно се чуваат во тајност.

Кога во јавноста одекна веста дека партискиот функционер на ДУИ, Бекир Асани, ја удрил полицајката Јасмина Јаначковска, МВР излезе со соопштение во кое тврдеше дека тој ѝ се развикал, но не ја тепал. Полицајката беше на сослушување кај министерот Оливер Спасовски, каде што кажа дека повредата настанала бидејќи се удрила во вратата од пајак-возилото. Нападнатата полицајка Јаначковска за Макфакс пред седум месеци, по средбата со Спасовски, објаснуваше дека непотребно се кренала врева за целиот случај со нападот од функционерот на ДУИ, Бекир Асани.

МВР го гонеше Асани бидејќи го нарушил јавниот ред и мир, дело за кое максималната казна изнесува 800 евра. Функционерот на ДУИ, Асани, ѝ е добро познат на полицијата бидејќи неколкупати го евидентирала како учесник во насилство. Пред повеќе од две години тој и тројца партиски лица го нападнаа претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров. Овој предмет не стаса на суд.