Oбвинителството прислушувало 34 отсто повеќе во споредба со 2017-та

Обвинителството минатата 2018 година повеќе прислушувало во однос на претходната 2017-та, се наедува во извештајот кој Државниот обвинител Љубомир Јовески го достави до Собранието за примената на посебни истражни мерки.

Според статистиката на Обвинителството, во 2018 година во однос на 2017–та забележано е зголемување при користењето ПИ–мерки за 34 проценти во случаите. Има раст од 9,7 насто кај лицата кои биле следени. Статистички, лани во 95 случаи биле применети ПИ–мерки и биле следени 317 лица. Извештајот во Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите не го презентираше лично државниот обвинител Јовевски. Овластил друг обвинител да дојде наместо него.

„Споредбено во однос на 2017 година претставува зголемување кога овие мерки биле применувани во 71 случај против 289 лица со утврден идентитет, за 363 предмети на кривично дело“-рече Бодан Лазаревски, обвинител.

На комисијата не присуствуваа пратеници од власта. Пратениците на ВМРО – ДПМНЕ рекоа дека извештајот е опсежен. Имаа само една забелешка.

„Очекуваме во наредната година извештајот за 2019 – та година да стигне многу порано, а не после една година од кога цела оваа работа завршила. Така што, оваа забелешка имајте ја предвид за наредната година ова да не ни се случи“-изјави Зоран Илиоски, ВМРО – ДПМНЕ.

Во извештајот за примената на посебни истражни мерки обвинителството нотира дека со оваа можност зголемена е ефикасноста за кривичен прогон и борбата против организираниот криминал и корупција. Дополнително до Комисијата граѓанин побарал да утврди дали бил следен и зошто. По куса дискусија, членовите одлучија дека нема таква можност.