Oбвинителството сериозно да се позанимава со случајот на Артан Груби, апелираат од ВМРО-ДПМНЕ

Зад дивоградба со површина од над 160 квадратни метри во скопски Бутел има сомневање дека стои вицеоремиерот Артан Груби од ДУИ, а градител е негов братучед, што директно е покажување на сила и уживање во неказнивост, рече во четвртокот на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„И кога општински инспектори го сопираат делото, со партиски соопштенија тој шири повици за етнички мотивирани дејства. Класична злоупотреба на функцијата, партијата и етничката припадност! Кога Груби преку партиски соопштенија ја манипулира јавноста дека наводно некој забранува Албанци да градат, Груби мислел на семејната дивоградба! Ниту некој е против градба, ниту сопирањето на дивоградбата има етничка заднина, ВМРО-ДПМНЕ е против криминалот, а градење без документи е криминал! И тоа го боли Артан Груби! И затоа Артан Груби се сокри! Никој повеќе не му верува за таложењето на богатството: нереално евтина цена за огромен локал на улицата ‘Македонија’ во Скопје, отворање фирма за баждарење на бензински пумпи, багателна продажба на хотел на Попова Шапка, пари префрлани од министерството на Груби до семејната фирма, надзор вреден 22 милиони евра, а сега на сето тоа градење на диво, на габарит од над 160м²!? Вистинско време е обвинителството сериозно да се позанимава со него“, истакна Стоилковски.

Посочи дека криминал е криминал и злоупотреба на функцијата е злоупотреба, дури и кога зад неа стоие првиот вицепремиер на Владата.

„Со секој нов скандал на Груби, Македонија тоне, младите бегаат, а институциите недостоинствено виткаат кичма! Артан Груби со своето скандалозно криминогено делување, газењето на законите, девастацијата на функцијата, претворањето на етничката припадност во професија, нанесува срам и огромна штета на Македонија и особено на Албанците во Македонија“ додаде Стоилковски.