Обвинителството во Доњецк предаде во суд обвинување против тројца странски платеници

Донецк, март 2022

Генералното обвинителство на одметнатата проруска Доњецка Народна Република на истокот на Украина покренало кривична постапка пред тамошниот суд против странски платеници кои се бореле на страната на украинските сили, двајца државјани на Велика Британија и еден државјанин на Мароко, соопштено е во саботата од Доњецк.

„Одделот за истраги на Генералното обвинителство… ја заврши истрагата за кривичното дело во однос на странските платеници: Шон Пинер и Ендрју Хил, како и Саадун Брахим…“, се наведува во соопштението кое го цитира агенцијата РИА.

Пинер, кој заедно со сонародникот Ејден Аслин беа заробени од проруските сили на почетокот од април, подоцна месецот имаше обраќање преку телевизијата до британскиот премиер Борис Џонсон во кое го повика да влијае врз Киев да биде разменет за заточениот украински политичар Виктор Медведчук кого украинските власти го обвинуваат за блискост со рускиот претседател Владимир Путин о за „предавство и помагање тероризам“ затоа што во 2014 година организирал испораки на јаглен од одметнатиот проруски регион Донбас.

Тие, како што е наведено во продолжение, се товарат по повеќе точки, и тоа за „извршување кривично дело од група лица“, „насилно преземање на власта или насилно држење на власта…“, „платеништво“, „спроведување обука со цел за извршување терористички активности“.

Имајќи ја предвид воената состојба, според одредби од кривичниот законик, платениците може да бидат осудени на смртна казна, додаваат од обвинителството во Доњецк. Имено, истрагата утврдила дека обвинетите за награда учествувале на страната на украинската војска во операции за „насилно преземање на власта во Доњецката Народна Република“.

Претходно народната правобранителка во Доњецк, Дарија Морозова, изјави дека тамошната канцеларија на комесарот за човекови права собира докази за злосторства извршени од вооружените формации под контрола на Киев, коишто ќе се користат на воениот суд за украинската армија. Според неа, првиот прелиминарен состанок на таквиот суд може да се одржи кон крајот на летото и ќе биде ткн „Мариуполски трибунал“, по аналогија на таквите судови и процеси по крајот на Втората светска војна.

Неодамна Елена Шишкова, претседателка на комисијата за кривично и административно законодавство на Народниот совет во Доњецк, посочи дека пред судот нема да бидат изведени само државјани на Украина, туку и заробените платеници од западните земји и инструктори од земјите на НАТО. Додаде дека размената на заробените војници меѓу завојуваните страни, не ги опфаќа странските наемници кои учествувале во борбените дејствија во Донбас на страната на украинските воени формации.