7.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Обвинителството за гонење организиран криминал се засилува со пет обвинители

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција неместо побараните осум, ќе добие пет нови обвинители.

Обвинителството на Вилма Русковска се засилува со плус 5 обвинители. Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побарала осум обвинители, но Советот на јавни обвинители одлучи да добие пет, поради хроничниот проблем со недостиг на кадар ширум државата, вели претседателот на Советот, Ацо Колевски. Систематизација е направена согласно новиот Закон за јавно обвинителство кој стапи на сила пред еден месец.

Според извршената систематизација Обвинителството за организиран криминал би требало да брои 18 обвинители заедно со Русковска. Но, оттаму тврдат дека и ова е мала бројка за потребите на Обвинителството.

„Во моментов обвинителството функционира со 10 јавни обвинители вклучувајќи ја и Основната јавна обвинителка Вилма Русковска која раководи со ова обвинителство. Според обемот на работа предвидениот број на јавни обвинители е далеку од потребите на обвинителството, за што обвинителството достави барање до Советот на јавните обвинители да се прошири Одлуката за определување на бројот на јавните обвинители за уште осум јавни обвинители, со што бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ​ќе изнесува 21 јавен обвинител“, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Претседателот на Советот на јавни обвинители тврди дека состојбата со кадар не е идеална, поради одење во пензија, а во моментов недостасуваат 60 јавни обвинители. Според Колевски некои обвинителства ќе мора да се затворат, како тоа во Тетово, Прилеп Битола и Гевгелија и Свети Николе каде ќе немаат ниту еден јавен обвинител. Нови обвинители се чекаат дури за две години кои согласно законот ќе ги завршат обуките за Академијата. Како едно од решенијата Колевски најави распишување на оглас на почетокот на септември каде што ќе може да се пријавуваат јавни обвинители.