Обвран: Верувам во сите играчи кои ги имам на располагање

Повеќемесчното вложување труд и нерви на македонската ракометна репрезентација се сведува на еден меч – неделниот против Чешка во кој очекуваме со победа, или барем со условено реми да ги поцртаме евроквалификациите како успешни и да избориме пласман во Полска, идниот јануари.

Нашите момци досега го следат планот и победуваат сѐ она што ни е неопходно за второто место во групата, а Чешка е противник кој не дозволува кикс. Тешко извојуваното реми во првиот меч, во Злин, предупредува дека мора да се даде максимум дури и во ситуација кога неколку ракометари не се во комбинација, а Кире Лазаров има проблеми со повреда. Сепак и во таква состојба екипата предводена од Ивица Обрван покажа дека има капацитет да одигра меч од врвни размери.

“На крајот на една напорна сезона за играчите, нетрпеливо чекаме вака важен натпревар против Чешка, кој е решавачки за пласман на ЕП во Полска. Пред неколку дена одработивме коректно еден натпревар кој требаше да го добиеме поради атмосфера и самодоверба, без нашиот клучен играч, капитенот Кире Лазаров и уште неколку други и затоа сме задоволни. Наполнета ни е самодовербата и верувам дека со преостанатите тренинзи до мечот ќе бидеме подготвени и со поддршка од полна сала ‘БорисТрајквоски’ ќе избориме пласман на ЕП. Сакам да искажам благодарност на навивачите во Сент Гален кои ни дадоа голема поддршка, беше прекрасно да се игра во таква атмосфера”, изјави селекторот Обрван.

Не коментираше за сотставот во кој Чешка ќе допатува во Скопје, а за нашиот најави дека евентуалните промени ќе ги соопшти по двата тренинга кои преостануваат.

“Веруваме комплетно во овие 17 играчи кои ги имам на располагање, имаме самодоверба и уверен сум дека ќе бидеме во вистинско издание дека пред сѐ ќе прикажеме добра игра која ќе биде доволна за пласман на ЕП”
, рече Обрван.

Натпреварот против Чешка се игра в недела во 17:45 во “Борис Трајковски”. Во ситуација кога и двете екипи имаат по пет бода, со победа Македонија е сигурно втора, а за ни биде доволно и реми, потребно е тоа да не биде изразено со резултат поефикасен од 27:27. Од РФМ информираа дека билети сѐ уште има и покрај тоа што се продаваат по 50, 100 и 150 денари.

Извор: Спортмедиа