Очекуваните американски санкции за Иран ја задржаа цената на нафтата над 82 долари

Цените на нафтата го минаа во петокот на меѓународните пазари нивото од 82 долари за барел, поткрепени од очекувањата дека американските санцкии за Иран ќе го скусат иранскиот извоз на нафта и дополнително ќе го затегнат снабдувањето.

На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 30 центи во однос на затворањето на претходниот трговски ден, на 82,02 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по непроменета цена од 72,07 долари.

Одвоено во петокот утрото Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека цента на барелот од нејзината референтна кошничка нафта во четвртокот изнесувала 80,88 долари, што значи дека паднала за 1,50 долари во однос на претходниот трговски ден.

Новиот круг американски санкции против Иран, третиот произведувач според обемот во OPEC, стапува на сила на 4-ти ноември. Вашингтон бара купувачите на иранската нафта да го сведат на нула увозот од оваа земја, за Техеран да биде принуден на преговори за нов договор за неговата нуклеарна програма, откако во мај годинава САД истапија од меѓународниот договор кој Иран го потпиша во 2015 година со шесте светски сили. Покрај тоа, САД се обидуваат да го намалат и иранското влијание на Блискиот исток.

На највисокото ниво во 2018 година, кое беше достигнато во мај, Иран извезуваше 2,71 милиони барели нафта дневно, што е речиси 3 отсто од вкупната светска дневна потрошувачка на сирова нафта.

„Падот на иранското производство би требало да се интензивира откако на почетокот од ноември ќе стапи на сила вториот круг американски санкции“, потсетува во анкетата на Reuters Абишек Кумар од компанијата „Interfax Europe Ltd“.

Другите земји членки на OPEC, пак, го зголемија производството во текот на изминатите месеци, но глобалните резерви истовремено се намалуваат поради намаленото снабдување, истакнуваат аналитичарите.

Се очекува дека Саудиска Арабија следните месеци ќе го зголеми снабдувањето на пазарите за да се надомести падот на иранската понуда. Аналитичарите од банката ANZ притоа предупредуваат дека главните извозници веројатно нема целосно да го надоместат намаленото снабдување поради санкциите, што се проценува на 1,5 милиони барели дневно. Упатени извори наведуваат дека OPEC и другите големи производители предводени од Русија ја разгледуваат можноста од зголемување на производството за околу 500.000 барели дневно.

Во Саудиска Арабија, пак, стравуваат дека следната година поголемото американско производство на нафта од шкрилци повторно би можело да создаде вишок во снабдувањето, особено доколку американскиот долар зајакне, а економиите во развој ослабат, што би подразбирало намалена побарувачка на нафта во светот, велат за Reuters извори упатени во политиките на OPEC. Во оваа организација оценуваат дека конкурентите меѓу независните производители, на чело со САД, следната година би можеле да го зголемат производството за 2,4 милиони барели дневно, додека глобалната потрошувачка на нафта би требало да порасне за само 1,5 милиони барели дневно.

Американското произвдоство на сирова нафта минатата седмица достигна рекордни 11,1 милиони барели дневно, објави американската влада. Аналитичарите, пак, предупредуваат дека меѓународните пазари и порај тоа би можеле да се соочат со недостиг од нафта

„Иако американското производство на нафта расте, се појавија првите сигнали за тесни грла во нафтоводите и транспортот, коишто ќе го ограничат обемот на светската трговија“, толкува Кумар.