Оценувањето на учениците ќе биде со физичко присуство, изјави Царовска

Училиштата ќе добијат посебни упатства за оценување на учениците кои наставата ќе ја следат онлајн, односно преку интернет, најави на денешната прес-конференција министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Како што кажа таа, иако наставата ќе се одвива преку интернет, оценувањето на учениците ќе биде со нивно физичко присуство во училиштата.

„Се подготвува посебно упатство за оценување. Што ни е исклучително важно затоа што онлајн наставата треба да го даде максимумот што може со онлајн настава. Но, минатата година оценувањето не беше уредено. Сега велиме – оценувањето ќе треба да се спроведува со физичко присуство и тоа ќе треба да се организира во групи, секако, ако епидемиолошките услови во општината го дозволуваат тоа“, рече Царовска.