Очекувајте пороен дожд, грмежи, ветер па дури и град овој викенд

За време на претстојниот викенд ќе има врнежи од дожд кои од утре попладне и во недела наместа ќе биде пороен и се очекува да наврнат и над 25 литри на метар квадратен.

Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе има појава на нестабилност со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а можна е изолирана појава на град.

Во текот на утрешниот ден, температурите ќе се движат од 12 степени во Маврово до максимални 22 степени во Гевгелија. Во Скопје и околината температурата ќе се движи до 19-от степен.

За недела, кога се очекува повеќе дожд, температурите ќе се движат од 12 до 18 степени.

Врнежите за време на викендот ќе ја подобрат состојбата на влажноста во почвата и во подлабоките слоеви каде се уште се чувствува дефицит од почвена влага. Зголемените температури на воздухот ќе овозможуваат нормален развој на културите, а едновремено придонесуваат и за затоплување на површинскиот слој од почвата, што е предуслов за отпочнување на пролетната сеидба кај окопните култури.