Од 1 април исклучените од парно нема да плаќаат паушал

Граѓаните кои се исклучија од системот за парно греење од први април повеќе нема да плаќаат паушални сметки. Ваквата одлука е донесена по средбата на Регулаторната комисија за енергетика со граѓанската организација „Но пасаран“, објави ТВ 21.

Претседателот на ова регулаторно тело вели дека покрај ова ќе биде донесен и нов правилник со цел да се подобрат условите за користење на парното греење и на тој начин да се поттикнат граѓаните повторно да се вклучат на топлинската мрежа. Од „Но Пасаран“ кои долго време протестираа поради тоа што се добиваа сметки за услуга која не се користеше, велат дека се оптимисти дека ќе се донесе позитивно решение.

Со новите правила за снабдување со топлинска енергија се предлага потрошувачите кои што биле исклучени од системот да немаат повеќе обврска да го плаќаат фиксниот надоместок. Оваа обврска ќе престане за овие потрошувачи од април оваа година. Како Регулаторна комисија за енергетика и препорачуваме на владата и на градот Скопје да најдат соодветни начини и соодветни механизми за субвенционирање и за поддршка на потрошувачите не само што користат топлинска туку и потрошувачите кои се приклучени на дистрибутивен гас – изјави Бислимовски.