Од 1 година и 3 месеци до доживотен затвор за 15 обвинети во Детонатор

Кривичниот суд ја објави пресудата за обвинетите во акцијата Детонатор. Петнаесте обвинети добија затворски казни во траење од една година и три месеци до доживотен затвор. Тие се товареа за повеќе кривични дела мегу кои убиство во обид, насилство, лихварство, изнуда, недозволено држење оружје, пренесе Канал 5.

Судот за двајца од обвинетите им пресуди  доживотен затвор, а на четворица од 12,5 до 14,5 години затвор. Останатите се казнети со затворски казни во траење од 1,3 до 9,5 години затвор.

Канал 5 јави дека обвинетите се бранеа дека се невини и тврдеа дека клучниот сведок Драганчо Стоименов, кој сведочеше дека преживеал неколку обиди за убиство, не ја говорел вистината.

Покрај него, во судскиот процес кој траеше 10-тина месеци, беа повикани многу сведоци, се изведуваа докази меѓу кои и телефонските разговори на обвинетите прибавени со посебните истражни мерки.

Акцијата „Детонатор“ беше спроведена во март минатата година. Уапсените беа претставени како криминално подземје кое било страв и трепет во источна Македонија. По неа, следуваа и смени на полициски командири и началници.