Од 1 јули аеродромите во Скопје и Охрид ќе бидат отворени за сообраќај

Премиерот Спасовски информираше дека аеродромите во Скопје и Охрид ќе бидат отворени за сообраќај од 1 јули.

„Владата денеска донесе одлука од 1 јули, среда, да бидат отворени за сообраќај Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид“, се нагласува во соопштението на владината прес-служба.

Како и досега, македонските граѓани кои сакаат да патуваат во странство ќе мора непосредно пред своето патување да се информираат преку Министерството за надворешни работи или амбасадите на земјите во кои патуваат дали и под какви услови е дозволен влез на македонски државјани во таа држава. Одлуките во врска со ова прашање се менуваат многу брзо во изминатиов период.

На денешната седница Владата донесе одлука, исто така од петок, 26 јуни, угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа. Од овој датум се дозволува и работата на теретаните и вежбалните, а моловите, од истиот датум, ќе можат да работат и во неделите.
„За сите овие одлуки до петок, 26 јуни 2020 година, кога започнува нивната важност, ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки“, се наведува во владиното соопштение.