Од 20 пријавени, седум потенцијални градови-домаќини на Евровизија 2023, Лондон не е на списокот

Европската радиодифузна унија и Би-би-си формираа список од седум потенцијални градови, од кои еден ќе биде домаќин на Евровизија следната година.

Во радио пренос, Би-Би-Си објави дека на списокот се наоѓаат Бирмингем, Глазгов, Лидс, Ливерпул, Манчестер, Њукасл и Шефилд. Интересно е што главниот град Лондон го нема на листата.

Потврдено е и дека за организација на натпреварот се пријавиле 20 британски градови, а градовите од тесниот круг биле избрани врз основа на нивните можности и способности да организираат голем настан, како што е Евровизија.

Во наредниот период ЕБУ и Би-Би-Си ќе ги посетат избраните градови и ќе утврдат дали ги исполнуваат сите критериуми на организацијата, а името на градот домаќин на „Песна на Евровизија“ ќе биде познато во текот на есента, објави ЕБУ.

Велика Британија е домаќин на Евровизија следната година, откако беше утврдено дека годинашниот победник Украина не може да биде домаќин на натпреварот поради воената состојба во земјата.

Организацијата им беше понудена на Британците бидејќи нивниот претставник Сем Рајдер беше вицешампион на натпреварот во Торино.

Изборот за песна на Евровизија следната година ќе биде првиот од 1980 година што нема да се одржи во земјата што победи на претходниот натпревар.