Од 6.750 активни ковид случаи, половината се во Скопје

28

Вчера беа регистрирани нови 495 случаи на заразени со коронавирусот од направени 4.145 тестирања или околу 12 проценти, што е за два отсто зголемување во однос на претходните викенди, кога тој процент се движеше од 6 до 10. Прјавени беа 13 починати лица и 308 оздравени пациенти.

Од новите 495 случаи, најмногу се од Скопје – 228.

Досега во земјата се направени вкупно 1.382.675 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 202.203, бројот на оздравени пациенти е 188.332, на починати е 7.121, а бројот на активни случаи изнесува 6.750.

Според епидемиолошки анализи во моментов, половина од активните случаи се во Скопје – 3340, потоа следи Куманово – 422, Велес – 348, Прилеп – 279, Кавадарци – 248, Битола – 245, во Охрид и Штип по 214 случаи. Во другите градови има под 200 активни случаи.

Во последните три месеци, 73 отсто од позитивните случаи на Ковид-19 не биле вакцинирани. Тој процент кај хоспитализираните е 75, а кај починатите 82, покажа анализата на Министерството за здравство, објавена завчера, за период од 6 август до 28 октомври.

Досега се ревакцинирани 46 отсто од полнолетните граѓани, а трета доза примиле 27.300 граѓани.

Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Поради хакерски напади, Министерството за здравство завчера соопшти дека во текот на 28 октомври, граѓаните кои имаат генерирано ЕУ сертификат за вакцинација преку vakcinacija.mk, треба да генерираат нов преку веб-порталот. Станува збор за безбедносен протокол со што се спречи користење на лажни ЕУ сертификати, со лажни имиња и лажни податоци.

Според информациите на министерството за здравство, хакерскиот напад бил детектиран од до тимовите задолжени за безбедност на сајтот за европска вакцинација ЕУДЦЦ.

Како дел од ваков напад на систем, завчера трети страни успеале да изгенерираат четири лажни EУ сертификати, со лажни имиња и лажни лични податоци, а на сертификатот пишувало дека истите примиле вакцина во Република Северна Македонија.

Со цел поништување на лажните сертификати и обезбедување на зголемена заштита, ЕУ сертификатите на граѓаните на Република Северна Македонија се одново генерирани.

Bo светот досега со коронавирус се заразиле 247 милиони луѓе, починале над пет милиони, а оздравеле повеќе од 223 милиони лица.

На самитот на Г20, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг повикаа на забрзување на меѓусебното одобрување на вакцината против Ковид-19.

Во своето обраќање рускиот претседател рече дека Светската здравствена организација (СЗО) мора да биде побрза во одобрувањето на вакцините.

Таа агенција на Обединетите нации сè уште не ја одобрила руската вакцина Спутник В, која се користи во повеќе од 70 земји.

Европската агенција за лекови (ЕМА) на почетокот на овој месец објави дека нема да ја одобри руската вакцина Спутник В оваа година, бидејќи нема доволно податоци за тоа.

ЕМА сè уште не одобрила ниту кинески вакцини.

Си, кој исто така присуствува на самитот на Г20 виртуелно и не ја напуштил Кина од почетокот на пандемијата на коронавирус, повика на еднаков третман и взаемно признавање на вакцините против Ковид-19 врз основа на одобрението на СЗО, кое ги признава кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“.

Од САД вчера стигна веста дека американските разузнавачи не веруваат дека новиот коронавирус е создаден како биолошко оружје или модифициран со генетски инженеринг. Ова се наведува во извештајот објавен на веб-страницата на Канцеларијата на директорот на националното разузнавање на САД.

„Веруваме дека вирусот не е создаден како биолошко оружје“, се вели во документот. „Повеќето агенции, исто така, веруваат дека SARS-CoV-2 веројатно не е генетски конструиран, но две агенции веруваат дека нема доволно докази за тоа дали е тоа така или не“. „Конечно, кинеските власти не знаеја за вирусот пред првичното избивање на Ковид-19“, се вели во извештајот.

Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел рече дека е „многу загрижена“ за зголемувањето на бројот на новозаразени со коронавирус и хоспитализирањата и ги повика луѓето да не бидат невнимателни во пандемија.

„Тоа треба да не загрижи сите. Но, фактот што, на пример, два или три милиони Германци над 60 години сè уште не се вакцинирани, ме растажува, бидејќи тоа би било промена за нив лично, но и за целото општество“, изјави Меркел за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне сонтагсцајтунг“.

Германија не ја направи вакцината задолжителна за ниту една група, став што Меркел сè уште го дели.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.