Од јануари до октомври Грција ја посетиле 26,4 милиони туристи, 11 отсто помалку од 2019 година

За 11 отсто се намалил бројот на туристи кои ја посетиле Грција од јануари до октомври 2022 година, во споредба со истиот период во 2019 година, односно последното лето пред пандемијата, а намалување, за 2,6 проценти, има и во однос на приходите, согласно привремените податоци од Банката на Грција, јави МИА од Атина.

За 10 месеци Грција ја посетиле 26,4 милиони туристи, приходите достигнуваат до 17 милиони евра, бројки зголемени за 92, односно 70,4 проценти во споредба со јануари- октомври 2021 година, кога се уште постоеја мерки и рестрикции поради Ковид-19.

Токму затоа, ставот на официјална Атина е дека споредбите за туризмот во земјата се вршат со податоците од 2019 година, односно последното лето пред пандемијата кога во Грција имаше рекорден број туристи.

Во првите десет месеци од годинава, најбројни се посетителите од земјите членки на Европската Унија, вкупно 16,3 милиони, за осум отсто помалку од 2019 година, но со зголемени приходи од 3,8 проценти.

Зголемување има на бројот на туристи од Германија, Франција и Велика Британија, а од Русија, оваа година се намалиле за 93,7 отсто во споредба со лани.