Од април граѓаните од дома ќе аплицираат за услугите во државата и во приватниот сектор

Една година по потпишувањето на меморандумот за соработка со „Мастеркард“, денеска се одржа работна средба на којашто беше презентирано решението за дигитална идентификација на граѓаните на Република Северна Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, на работната средба присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, министерот за финансии Фатмир Бесими и високи претставници на компанијата „Мастеркард“, претставници од Народната банка на Република Северна Македонија и претставници од Управата за финансиско разузнавање.

Премиерот Зоран Заев истакна дека со помош на дигиталната идентификација граѓаните стануваат дел од современите дигитални комуникациски процеси на Европа и на светот и дека со оваа можност правиме голем и важен чекор во дигитализацијата на нашиот сопствен идентитет што е предуслов за многу безбедни мрежни услуги во земјата и во светот.

– Имено, документите што ќе бидат потпишани преку оваа апликација ќе бидат признати не само во нашата земја, но во сите земји во Европа и каде и да се продава услугата електронска лична карта на „Мастеркард“. Решението развиено од „Мастеркард“ може да го користат институциите, но и деловните субјекти кои сакаат да ги користат придобивките од технологијата, да воведат дигитализација на нивните процеси и да ги заменат хартијата и пенкалото со електронски документи, електронски потпис и одобрување преку паметни телефони. Дигиталната идентификација ќе овозможи секој процес или постапка што бара потпис и лично присуство да се направи од дома, од работа или каде било преку мобилни телефони – рече премиерот Заев.

Тој ги подвлече заложбите на Владата за трансформација на институциите и придвижување кон користење на сé поголемите придобивки што дигиталните алатки ги нудат. Мобилната апликација на којашто изминатата година работат „Мастеркард“ со поддршка на нашите институции, посочува прес-службата на Владата, ќе го промени начинот на работа на институциите, но уште поважно ќе го поедностави секојдневниот живот на граѓаните.

Министерот Јетон Шаќири истакна дека овој месец означуваме една година од потпишувањето на меморандумот за воспоставување услуга за дигитална идентификација за граѓаните на Северна Македонија.

– Можеме да имплементираме најсовремени системи за е-услуги, да инвестираме во опрема и софтвер, но без средства за електронска идентификација, граѓаните ги праќаме на шалтерите како пред десетици години. Живееме во време кога технологијата го променува нашиот живот на подобро и треба сите да придонесеме за тоа. Со воспоставување на услугата за дигитална идентификација граѓаните од нивните домови ќе аплицираат за услугите во државата и услугите од компаниите во приватниот сектор – истакна Шаќири.

Посочи дека користејќи ја услугата за електронска идентификација, јавните институции и компаниите во приватниот сектор со сигурност ќе го знаат идентитетот на лицето кое ја побарало услугата и дека истото лице го потврдува спроведувањето на таа услуга, без можност за каква било измама.

Според министерот Фатмир Бесими, дигитализацијата е процес кој може да создаде услови за поголем економски раст, кој ни е потребен што поскоро. Во рамки на Стратегијата за заздравување и забрзан раст (SmartER Growth), согласно која дејствуваме во насока на забрзување на економскиот раст во земјава, посочи Бесими, ја препознаваме и високо вреднуваме дигитализацијата на економијата и јавните услуги како предуслов за забрзан инклузивен и одржлив раст.

– Концептот на дигитална економија е систем на институционални концепти и содржи достигнувања на прогресивните технологии, а крајната цел е да служи за зголемување на ефективноста на вкупното производство преку оптимизирање на процесите и намалување на трошоците. Тоа е економија заснована на професионално знаење, познавање на пазарот, но и креативност и иновативно општество – потенцираше министерот Бесими.

Владината прес-служба во соопштението наведува дека ова е прва услуга за електронска идентификација на граѓаните и ќе биде достапна веќе на крајот на април.

– Ова значи дека за услугите за кои досега граѓаните мораа со физичко присуство да го потврдат својот идентитет, тоа ќе можат да го прават од својот компјутер, лаптоп или мобилен телефон – се наведува во соопштението.