Од Циришкиот музеј исчезнаа две слики од XVII век

Циришкиот уметнички музеј Кунстхаус, еден од најголемите во Швајцарија, пријавил во полицијата за исчезнување на две вредни дела на старите мајстори од XVII век.

На сликите им се губи трагата откако биле испратени на реставрација по пожарот во август минатата година, при што не е исклучена кражба на делата, соопшти музејот во вторникот.

„Од почетокот на 2023 година, две од повеќе од 700-те дела коишто Кунстхаус ги испрати на чистење и реставрација по пожарот што се случи ноќта меѓу 2-ри и 3-ти август не се пронајдени“, извести водството на музејот во соопштението за медиумите

Се додава дека бидејќи „не може да се исклучи кражба“, на 13-ти јануари годинава музејот случајот го пријавил во полицијата.

Станува збор за сликите на фламанскиот уметник Роберт ван ден Хоке (1622-1668) под насловот „Војници во логорот“, датирана кон средината на XVII век, и на холандскиот мајстор Дирк де Бреј (1635-1694) „Нарцис и други цвеќиња во стаклена вазна“ која потекнува од 1673 година. Двете дела се насликани на дабова подлога, тие се во мал форма и се во сопственост на приватни лица.

Музејот Кунстхаус исчезнувањето на делата ги внел во меѓународниот регистар на изгубени уметнички дела, и потврди дека помага во активностите на полицијата. Истовремено, музејот спроведува сопствена истрага, се додава.

Како што изјавила директорката на музејот, Ан Демејстер „од генерација во генерација колекционерите му ги доверуваат своите драгоцености на Кунстхаус“. Во моментов речиси три четвртини од сликите во фундусот на музејот му се доверени од приватни лица или се донирани.

„Потресени сме од тоа што и покрај строгите безбедносни мерки , делата сѐ уште не се пронајдени“, додава Демејстер и уверува дека музејот извлекол поуки од „овој немил инцидент“. Во Кунстхаус е создадена работна група во врска со исчезнувањето на сликите која е „во тесен контакт со оштетените“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.