Од денеска Џафери ќе ги води седниците на албански јазик

Талат Џафери
Талат Џафери

Седниците со пратенички прашања од денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека ќе ги води на албански јазик. Оваа можност ја има со новиот закон за јазиците кој веќе стапи на сила. Во однос на поставувањето на двојазични табли на зградата на Собранието, Џафери рече дека ќе се испочитува рокот од шест месеци, но ќе почека тоа да се спроведе со промената на името на државата, па да не се прават двојни трошоци.

Во однос на парламентарните избори, Претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе чека договор меѓу партиите за да ја стави на дневен ред иницијативата за распуштање на Собранието и организирање предвремени избори, што ја достави опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој смета дека е нецелисходно да ја стави како точка на дневен ред само колку за да има дискусија.

Треба 61 потпис за да се распушти Собранието, треба да се обезбеди 100 дена техничка Влада пред одржување на сите избори, рече Џафери за време на брифингот со новинарите.

Тој лично оценува дека не треба предвремни парламентарни избори.

Во однос на претседателските, остануваат веќе договорените датуми за распишување на изборите. 8 февруари ќе се распишат, 21 април прв круг, 5 мај втор круг. Џафери вели дека е подготевн ако нема цензус на изборите и не се избере шеф на државата, тој да ја извршува функцијата прв човек на државата.

Кога сум прифатил да бидам претседател на Собранието, значи сум подготвен да ги преземам сите одговорности кои ги носи функцијата, па во случај на потреба да се обави и таа функција, рече Џафери.