Од денеска „Наш специјалист“ во Пробиштип и во Демир Хисар

Од денеска, секоја сабота во Здравствен дом Пробиштип амбулантски прегледи ќе вршат специјалист – ортопед и специјалист – невролог, а во Здравствен дом Демир Хисар амбулантски прегледи ќе вршат доктори-специјалисти по оториноларингологија и ортопедија.

Министерството за здравство ја продолжува имплементацијата на проектот „Наш специјалист“, во рамки на кој од денеска, секоја сабота во Здравствен дом Пробиштип амбулантски прегледи ќе вршат специјалист – ортопед и специјалист – невролог, а во Здравствен дом Демир Хисар амбулантски прегледи ќе вршат доктори-специјалисти по оториноларингологија и ортопедија.

Проектот „Наш специјалист“ е воведен во рамки на последните измени на Законот за здравствена заштита. Со нив се овозможува Министерството со патен налог да упатува доктор-специјалист од една во друга јавна здравствена установа.

Врз основа на податоците од системот МојТермин, се утврдува за кои специјалистички прегледи пациентите најчесто се упатувани во други градови, односно за кои специјалности има најголема потреба во здравствените домови.

Податоците од системот МојТермин покажуваат дека во изминатиот период во Здравствен дом Пробиштип се креирани вкупно 2.585 упати за ортопедски прегледи кон други јавни здравствени установи, и токму поради тоа проектот „Наш специјалист“ се воведува и во Здравствен дом Пробиштип со специјалист-ортопед.

Според податоците од системот МојТермин, во Здравствен дом Демир Хисар кон специјалноста ортопедија се креирани 1.000 упати и врз основа на тоа е констатирана потребата од воведување ортопедски прегледи во оваа установа.

Проектот Наш специјалист успешно функционира во Берово, Валандово, Крива Паланка, Виница, Неготино, Свети Николе, Радовиш, Делчево, Ресен и Кратово. Од почетокот на имплементацијата на проектот, досега се извршени над 900 прегледи низ целата држава во вкупно осум различни медицински области (ортопедија, неврологија, оториноларингологија, психијатрија, невропсихијатрија, интерна медицина, урологија, општа хирургија).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.