Oд денеска нови насоки за безбедноста на учениците и за наставата

Во текот на вчерашниот ден повеќе средни и основни училишта во Скопје повторно добија дојави за бомби, за кои МВР подоцна соопшти дека по извршените проверки сите биле лажни. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека очекува Владата во најбрз можен рок да ги дискутира новите проблеми кои произлегоа од дојавите за бомби. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, рече дека интензивно работат со МОН и веќе се направени одредени усогласувања, бидејќи, како што посочи, сите треба заеднички да постапуваат за да се дојде до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес.

Шаќири кажа дека во средата најголем број училишта што добиле заканувачки пораки за поставени бомби, некои од нив првпат добиле дојава и не биле подготвени да ја спроведат препораката од МОН за онлајн-настава.

-По тие препораки вчера беше првиот ден кога ги видовме проблемите во изведување на онлајн-наставата и проблемите што произлегоа за родителите. Некои од училиштата не очекуваа и во претходниот период немаа дојави за бомби. Училиштата што ги добија препораките во петок и кои пристапија со лозинките во системот тие вчера немаа проблем. Некои од училиштата што вчера првпат добија дојава за бомба, за половина до еден час ги надминаа проблемите, изјави Шаќири и додаде дека МОН е против онлајн-настава но одлуката ја донеле по препораките за безбедност.

Рече дека очекува во најбрз можен рок Владата да ги дискутира сите проблеми што произлегоа – во целодневната настава, проблемите што ги имаат родителите што се вработени за да може, како што рече, да се најде нов предлог за решение по препорака на надлежни институции, со оглед на тоа што се зголемува бројот на училишта што добиваат дојави, а таргет сега се и основците покрај средношколците.

Дали се размислува сите средни училишта да преминат на онлајн-настава, тој одговори дека „не е лесна одлука“ дали тоа да биде за средните во Скопје или во цела држава.

Во однос на тоа дали ќе има последици за државната матура, Шаќири рече дека Државниот испитен центар ги презема сите чекори за таа да се организира успешно.

Матурите ќе се организираат, формирана е работна група за сите работи за да не се остава на случајности, додаде министерот за образование и наука.

На прашање дека само државните, а не и приватните училишта добиваат дојави за бомби, Шаќири одговори дека и тој се прашува зошто „вакви лоши намери“ има само за државни установи.

-Не велам и тие да добиваат, но да немаат ниту државните, рече министерот.

Министерството за образование од понеделинкот препорача во случај на дојава да се организира онлајн настава.

– Интензивно работиме со Министерството за образование и наука (МОН) и веќе се направени одредени усогласувања. Ќе почне и комуникацијата меѓу нашите Сектори за внатрешни работи и образовните институции, заради тоа што сите треба заеднички да постапуваме за да дојдеме до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес, изјави синоќа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со дојавите за бомби во училиштата.

Прашан за тоа дали размислува да се воведе 24 часовно обезбедување во училиштата, Спасовски информираше дека вчера е донесен посебен акт во делот на тероризмот и согласно него од денеска ќе се почне со нови активности. Како што рече, веќе се донесени одредени насоки денешниот ден.

Тој додаде дека МВР патролно веќе ги обезбедува сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, и како што рече, од тоа нема да има отстапки.

-Ова не е активност со која може да се справи само МВР. Ова е активност со која треба да се справат сите институции и затоа се формираше работен тим во рамките на Владата, во кој влегуваат институциите – Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за електронски комуникации и секој има свои активности кои треба да бидат преземени во овој дел. Ние во овој период работевме интензивно и денеска донесовме посебно упатство, односно посебен акт, што е во согласност со приликите кои се сега, заради тоа што имаше упатство кое беше застарено во делот на тероризмот. Согласно тоа упатство ќе започнеме нови активности, изјави министерот Спасовски при посетата на полициските службеници кои се дел од сообраќајната патрола на булеварот „Босна и Херцеговина“ во Скопје, во одговор на новинарско прашање.

Како што посочи, се бараат и решенија за решавања на целата состојба поврзана со дојавите за бомби, и напомена дека она што вчера е донесено како акт, ќе биде дел од решението на процесот.

-Во овој процес треба да учествуваат сите институции. Ние писмено се обративме до одредени институции со прашање кои мерки ги имаат преземено од она што е во делот на нивната надлежност. Очекуваме дека ќе дадат одговори. Доколку има институции кои не преземале одредени активности од своја надлежност а биле должни да ги преземат, ќе го известиме и Јавното обвинителство. Оваа битка е битка на секој еден во институциите и сите заедно мора да работиме, заради тоа што ако станува збор за терористичка закана, тогаш сите треба да бидеме во борбата против теротизмот. За нас, безбедноста на учениците и на наставниот кадар е на прво место, потенцираше Спасовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.