Европскиот број за итни случаи 112, од денеска се пушта во употреба и за македонските граѓани, кои во итен случај, со вртење на бројот 112, во најкраток можен рок ќе ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или противпожарната бригада, од каде било во државата.
Новиот број 112, нагласуваат од ЦУК, е потребно да го знае секој граѓанин. Се работи за европски проект кој треба да го имплементира секоја земја аспирант и членка на ЕУ. Целта е да се спроведе како единствен европски број за итни повици со цел да му се помогне на населението во случај на загрозување на нивните животи или материјални добра на државата.
Европскиот број за итни повици беше воспоставен со измените на Законот за управување со кризи. Во законското образложение беше посочено дека воведувањето на бројот за итни случаи 112 и распределувањето на потребните финансиски средства бара измена на широка законска регулатива, која го опфаќа и Законот за електронски комуникации, каде што е веќе имплементиран бројот за итни случаи 112.