Од државните институции ивршителите досега наплатиле 20 милиони евра

Од јануари до ноември годинава извршителите наплатиле 20 милиони евра од сметките на државните институции. Имало над 37.500 блокади, или во просек дневно се блокирале по 120 сметки на државни органи, и од нив во просек биле наплатувани по над 60.000 евра дневно.

Ова го покажуваат податоците на „Отворени финансии“ новата алатка на Министерството за финансии со која на увид на јавноста се сите исплати на државните институции.

Рекордер на листата топ 20 извршувања е Министерството за транспорт.

Во последниот период имало над 10 блокади за извршување на прилично „солени“ суми. Вкупно над 5 милиони евра биле наплатени од ова министерство, но за што – не се открива. Ресорот речиси и да нема период кога не бил блокиран, бидејќи постојано во текот на целата година има извршувања и за други пониски суми до околу 100.000 евра, објави Телма Тв.

Над 378.000 евра на два пати биле наплатени од Министерството за образование за долг за кој има и судска пресуда, за неплатени обврски кон фирма која им давала сметководствени услуги на сите училишта.

Во над 37.500 налози за извршување речиси и да нема институција која не била блокирана годинава. Под мраз биле и сметките на Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Службата за општи и заеднички работи на Владата, Министерството за правда и многу други.

Инаку во пресметката  не влегуваат наплатите од извршители од сметките на јавните државни претпријатија, кои важат за најголеми должници, како ниту на општините.

Податоците покажуваат дека граѓаните од Буџетот  плаќаат и за неодговорното работење на функционерите кои долговите на институцијата со која управуваат дозволиле да стигнат до извршување, постапка со која покрај за долгот, голем дел од наплатените пари завршуваат во џебот на извршителите.