Од грип 39 починати во Грција

Само во изминатата седмица во Грција биле регистрирани 21 смртен случај од грип, со што од почетокот на сезоната досега починаа 39 лица, покажуваат податоците од грчкиот Центар за контрола и превенција од болести.

Последниот регистриран смртен случај е бебе, додека, пак, на интензивна нега биле примени 165 лица и девет деца. Според истите податоци, 1,7 милиони Грци се вакцинирале за заштита од грип.

Ситуацијата со грипот во Грција се следи од почетокот на октомври до крајот на мај, а податоците се објавуваат седмично.

Сите смртни случаи се предизвикани од вирусот од групата А, од подтиповите A(H1N1)pdm09 и A(H3N2). Сите починати, исто така, припаѓале на висико ризична клиничка група, за којашто се препорачува вакцинација против сезонскиот грип согласно циркуларното известување од грчкото министерство за здравство.