Од историјата на светските фудбалски првенства (9): Преглед на светските шампионати

Светското фудбалско првенство во Русија ќе биде 21-та смотра на најдобрите фудбалски селекции во светот. Бразил е најуспешен со пет титули, по што следат Германците и Италијанците со четири круни, Аргентина и Уругвај двапати биле светски шампиони, додека во Франција, Шпанија и Англија по еднаш.

Идејата за организирање фудбалски турнир на кој ќе се среќаваат националните тимови е родена во 1920 година, кога група француски фудбалски експерти, предводени од поранешниот претседател на ФИФА, Жил Риме, ја лансираат идејата да се соберат сите најсилни фудбалски тимови на светот на едно место за да ги одмерат силите. Планот се остварува десет години подоцна, а францускиот скулптор Абел Лафлер го дизајнираше првиот пехар.

Домаќин на првото светско првенство е Уругвај, благодарение на двете последователни победи на Олимписките игри и на прославата на стогодишнината од независноста.

1. СП УРУГВАЈ 1930.

Пласман: 1. Уругвај, 2. Аргентина, 3. САД, 4. Југославија

Финале: Уругвај – Аргентина 4:2

Број на учесници: 13

Првото СП се одржа во 1930 година во Уругвај. Премиерниот мундијал првпат и последен во историајта е одигран во еден град, престолнината Монтевидео, на три стадиона. Учесниците не играа квалификацииа, туку тоа бил турнир со покани. Имало 13 селекции – седум од Јужна Америка, четири од Европа (Белгија, Франција, Југославија и Романија) и две од Централна и Северна Америка. Првиот погодок во историјата на светските првенства беше постигнат од Французинот Лусиен Лорен во победата против Мексико 4:1.

Двете полуфинални средби завршиле со невообичаено висок резултат од 6:1. Уругвај беше подобар од Југославија а Аргентина од САД.

Интересно е што во финалето и Уругвајците и Аргентинците инсистирале на тоа натпреварот да се игра со нивна топката, но белгискиот судија Јан Лангенус пресудил дека секое полуврме ќе се игра со друга топка. Натпреварот за третото место не беше одигран, а тимот на САД беше трет поради подобра гол-разлика.

Најдобар стрелец на првото првенство е Аргентинецот Гилермо Стабиле со осум гола.

 

2. СП ИТАЛИЈА 1934.

Пласман: 1. Италија, 2. ЧСРР, 3. Германија, 4. Австрија

Финале: Италија – ЧССР 2-1 (продолжение)

Број на учесници: 16

На второто СП одржан во Италија, имаше 16 национални тимови, но отстувал Уругвај како бранител на титулата. На шампионите одбија да учествуваат на европска почва, како знак на незадоволство од фактот дека повеќето европски тимови одбија да отпатуваат во Уругвај четири години претходно. Интересно, Италијанците како домаќино мораа да играат квалификации, а ФИФА веднаш по завршувањето на Светското првенство направи промени, па домаќинот на 1938 година Франција се квалификуваше автоматски.

Првенството беше одиграно во осум градови и финалето во Рим на „Националниот стадион“. Од почетокот на турнирот се играло на елиминации, а во четвртфиналето е одигран првиот повторен натпревар во историјата на светските првенства. По ремито меѓу Италија и Шпанија (1:1), во која немаше елиминиран и победник (тогаш немало продолженија) ден подоцна се одиграл уште еден натпревар во кој Италија победила со 1:0.

Во финалниот натпревар, Италија ја совладала Чехословачка со 2:1, а стрелец на победничкиот гол бил Анџело Скиавио во 95-та минута. Најдобар стрелец на шампионатот бил играчот на Чехословачка, Олдрич Неједли со постигнати пет гола.

 

3. СП. ФРАНЦИЈА 1938.

Пласман: 1. Италија, 2. Унгарија, 3. Бразил, 4. Шведска

Финале: Италија – Унгарија 4:2

Број на учесници: 15

Првенството повторно е играно со елиминации, и ова е последниот мундијал на кој немало групна фаза. Одлуката на ФИФА шампионатот да се одржи во Франција предизвика незадоволство во Јужна Америка. Втора година по ред, Уругвај одбива да учествува во СП а му се приклучила и Аргентина. Шпанскиот национален тим стана првиот тим во историјата на светските првенства кој морал да се откаже од настапот поради граѓанската војна. За да се исполни квотота од 16 селекци требало да настапи Австрија, но таа се повлекла од турнирот по присоединувањето кон тогашна нацистичка Германија.

Ова првенство е прво во историјата на кое што домаќинот (Франција) и победникот на претходниот турнир (Италија) автоматски се квалификуваат.

Се играло на десет стадиони во десет градови. Првото место го освои Италија, победувајќи ја во финалето Унгарија (4:2), станувајќи првата репрезентација којашто ја одбранила светската титула. Најдобар стрелец бил Бразилецот Леонидас со седум гола.

 

4. СП Бразил 1950

Пласман: 1. Уругвај, 3. Бразил, 3. Шведска, 4. Шпанија

Финале: Се играше финална група и клучен натпревари – Бразил – Уругвај 1:2.

Број на учесници: 13

Поради Втората светска војна светските првенства не се одржувале 12 години, поради тоа Италијанците беа шампиони дури 16 години. На турнирот во Бразил првпат е доделен пехарот за победникот наречен Трофеј на Жил Риме со што е одбележано 25-годишното претседавање на Риме со ФИФА. Настапиле 13 селекции бидејќи Австрија и Франција во последен момент се откажале, додека ФИФА не ѝ одобри на Индија нејзините фудбалери да играат со боси нозе.

Победник е Уругвај кој со пресврт го поразил Бразил со 2:1 во последниот меч од завршната група и тоа пред 200.000 навивачи на славната „Маракана“ во Рио де Жанеиро. Тоа воедно е и единственото светско првенство без класично финале.

Мундијалот во Бразил го донесе и едно од најголемите изненадување во историјата на светските првенства. Американците во групата ги победиле еден од најголемите фаворити на турнирот Англичаните со 1:0, кои долго одбиваа да се појават на светските смотри тврдејќи дека го измислиле фудбалот. Кога резултатот од поразот против САД се појавил во англиските весници, повеќето од жителите на Островот мислеле дека станува збор за печатарска грешка.

Најдобар стрелец на ова светско првенство е Бразилецот Адемир со девет голови.

 

5. СП Швајцарија 1954

Пласман: 1. СР Германија, 2. Унгарија, 3. Австрија, 4. Уругвај

Финале: Германија – Унгарија 3:2

Број на учесници: 16

Ова првенство го одбележа сензационалната победа на Германија во финалето над како што ја нарекувале тогаш „унгарската лесна коњица“ со 3:2. Во финалето се случило вистинско чудо, бидејќи во дуелот на истите противници во групата Унгарците ги демолирале германските фудбалери со 8:3, а и по првите 10 минути во финалниот меч резултатот гласел 2:0 за Унгарија. До овој меч Унгарија немало загубено натпревар четири години, а во Германија сѐ уште не била формирана Будеслигата. Првпат во историјата натпреварите од мундијалот се пренесува на телевизијата.

Просекот голови на натпреварите бил над 5 голово и до денес тоа е рекордно првенство според бројот на погодоците. Најдобар стрелец бил Унгарецот Шандор Кочиш со 11 голови.

 

6. СП Шведска 1958

Пласман: 1. Бразил, 2. Шведска, 3. Франција, 4. СР Германија.

Број на учесници: 16

Бразил дури на своето петто учество на светските првенства доаѓа до првата од вкупно петте титули. Светот во Шведска го запознава Пеле. Тогаш како 17-годишни дошол на првенството како замена, но кога се повредил Жозе Алтафини ја добил шансата којашто ја користи наскоро станувајќи „фудбалски крал“. Турнирот во Шведска го одбележа и Французинот Жис Фонтен кој со 13 голови е најдобар стрелец на ова првенство. Фонтен и денес е рекордер според бројот голови постигнати на едно првенство.

Во Шведска ги немаше Италија и Уругвај, кои ги имаат четирите од првите пет титули светски прваци. Интересно е што првпат на светско првенство се пласираат сите четири британски репрезентации: Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска, а првпат настапува и СССР.

 

7. СП Чиле 1962

Пласман: 1. Бразил, 2. ЧССР, 3. Чиле, 4. Југославија

Финале: Бразил – ЧССР 3:1

Број на учесници: 16

Бразил во Чиле ја одбрани титулата и така се израмни со Италија и Уругвај со по две титули и со Италија по одбрана на титулата. Бразилците беа супериорни и практично се прошетаа до титулата. Во шест мечеви имаа пет победи и едно реми со гол-разлика 14:5. Изненадување претставуваше тогашна Чехословачка којашто се протна во групната фаза а потоа преку Унгарија и Југославија стаса до финалето.

Мундијалот во Чиле остана запаметен и по можеби најгрубиот натпревар во историјата на светските фудбалски првенства. Станува збор за дуелот Чиле – Италија 2:0 кој подоцна е наречен „битката за Сантјаго“. Полицијата ги придружуваше екипите од при излегувањето од теренот поради безбедносни причини, а неколку играчи излегоа од игра со скршени носови, ребра…

Најдобри стрелци беа Дражен Јерковиќ од Југославија, Флориан Алебрт од Унгарија, Валентин Иванов од СССР, Лионел Санчез од Чиле, Гаринча и Вава од Бразил со по четири голови.

 

8. СП Англија 1966

Пласман: 1. Англија, 2. Германија, 3. Португалија, 4. СССР

Финале: Англија – Германија 4:2 (продолженија)

Број на учесници: 16

Англичаните својот најсветол фудбалски момент го дочекаа во 1966 година на домашен терен освојувајќи ја првата и досега единствена светска круна и тоа со победата против „најголемите непријатели“ Германците. Финалниот дуел го пресврти голот за кој ниту денес не се знае дали навистина бил постигнат или не. Но ударот на Гоеф Харст кој се одбива од пречката во земјата судиите во 101 минута го сметаа за гол и водство на Англичаните од 3:2. Харст потоа постигнува уште еден погодок за конечните 4:2.

Ова првенство ќе остане запаметено и по елиминацијата на Италија од Северна Кореја, како и по извонредно грубата игра на Бугарите против Пеле кој поради тоа не можеше да игра до крајот на првенството. Најдобар стрелец беше легендарниот Португалец Еузебио со девет голови.

 

9. СП Мексико 1970

Пласман: 1. Бразил, 2. Италија, 3. СР Германија, 4. Уругвај.

Финале: Бразил – Италија 4:1

Бој на учесници: 16

Бразил го одбележа и ова првенство постигнувајќи ги сите шест победи со просечна разлика од три гола по меч. Главна ѕвезда повторно е Пеле, но одлични беа и Жаирзињо, Ривелињо и Жерсон. Бразил тогаш трајно го освојува Трофејот Жил Риме, бидејќи тоа е трета титула за селекцијата на оваа земја. Еден месец подоцна пехарот е украден и никогаш не е пронајден.

Мундијалот беше одигран во Мексико на 2.000 метри надморска височина, па првпат во историјата на фудбалот беа дозволени замени на играчите. Најдобар стрелец беше Германецот Герд Милер со десет голови.

 

10. СП СР (Западна) Германија 1974

Пласман: 1. СР Германија, 2. Холандија, 3. Полска, 4. Бразил

Финале: СР Германија – Холандија 2:1

Број на учесници: 16

Во Германија по четврти пат на првите десет светски првенства славеше домаќинот. Иако според прогнозите во преден план беа Холанѓаните и нивниот „тотален фудбал“, титулата по вторпат ја освоија Германците. По првпат на еден мундијал една против друга играа двете Германии – СР (Западна) и ДДР (Источна), и во тој натпревар славеше Источна Германија со 1:0, но Западна Германија подоцна стаса до титулата.

Најдобар стрелец на турнирот беше Полјакот Гжегорж ЛАто со седум голови.

 

11. СП Аргентина 1978

Пласман: 1. Аргентина, 2. Холандија, 3. Бразил, 4. Италија

Финале: Аргентина – Холандија 3:1 (продолженија)

Број на учесници: 16

Холандија повторно стаса до финалето и повторно во него беше поразена од домаќинот, овојпат Аргентина. Холанѓаните на првенството допатуваа без првата ѕвезда Јохан Кројф кој го бојкотираше шампионатот поради политичкиот режим во Аргентина.

Домаќините стасаа до својата прва титула предводени од Марио Кемепес кој беше прв стрелец на првенството со шест голови, од кои два постигна во финалето.

 

12. СП Шпанија 1982

Пласман: 1. Италија, 2. СР Германија, 3. Полска, 4. Франција

Финале: Италија – СР Германија 3:1

Број на учесници: 24

Првенството првпат беше проширено до 16 на 24 селекции. Титулата ја освои Италија којашто првиот круг го мина со три ремија, и тоа со Полска 0:0, со Пери 1:1 и со Камерун 1:1. Меѓутоа во продолжение од турнирот „аѕурите“ се разбудија, а експлодираше Паоло Роси. На Бразил Роси му даде два во победата од 3:2, на Полска двата во полуфиналето, и првиот водечки во финалето против СР Германија. Вкупно постигна шест голови и беше прв стрелец на шампионатот.

Интересно е што Паоло Роси на ова првенство за малку немаше да учествува. Беше суспендиран на две години поради учество во местење на резултати, но селекторот Енцо Беарцот сепак го поведе во Шпанија.

 

13. СП Мексико 1986

Пласман: 1. Аргентина, 2. СР Германија, 3. Франција, 4. Белгија

Финале: Аргентина – СР Германија 3:2

Број на учесници 24

Ова светско првенство првично ѝ беше доделено на Колумбија, но поради тешката економска ситуација во оваа земја, организацијата ја презема Мексико. Но и тоа во еден момент беше доведено под прашања, бидејќи на помалку од еден месец од почетокот на шампионатот Мексико го погоди силен земјотрес со многу човечки жртви и големи материјални штети. Меѓутоа сите стадиони ја поднесоа силината на потресот и првенство сепак се одигра.

Аргентина стаса до својата втора титула предводена од Диего Армандо Марадона. „Малиот зелен“, како што гласеше неговиот прекар, освен по блескавите игри остана забележан во историјата и по „Божјата рака“ којашто го одбележа ова првенство. Имено во четврфиналето постигна два гола против Анлгија за победата од 2:1, но еден гол со рака, додека другиот кога го мина речиси целиот тим на „Гордиот Албион“ е прогласен за најубавиот гол на светските првенства. Во еден разговор по мечот реле дека голот го постигнала „Божјата рака“, а во тоа време Аргентина и Велика Британија војуваа за Фокландските острови.

Сепак, прв стрелец на ова првенство беше Англичанецот Гари Линекер со шест погодоци.

 

14. СП Италија 1990

Пласман: 1. СР Германија, 2. Аргентина, 3. Италија, 4. Англија

Финале: СР Германија – Аргентина 1:0

Број на учесници: 24

Многумина фудбалски стручњаци го сметаат ова првенство за најлошо од играчки аспект и најслабо според квалитетот, особено во финалниот дуел во кој како и четири години претходно играа Германците и Аргентинците. Овојпат на европска почва славеше Германија со голот на Бреме од пенал.

Првенството ќе остане по сензацијата што ја приреди африканска репрезентација, на Камерун кој стаса до четвртфиналето во коешто беше елиминиран по продолженијата од Англија, но останува впечатокот дека „Гордиот албион“ имаше судиска помош. Прв стрелец на првенството беше до тогаш малку познатиот италијански напаѓач Салваторе Скилачи со шест постигнати голови.

 

15. СП во САД 1994

Пласман: 1. Бразил, 2. Италија, 3. Шведска, 4. Бугарија

Финале: Бразил – Италија 3:2 (на пенали, откако и по продолженија играа без голови 0:0)

Број на учесници: 24

Светски првак по четврти пат во историјата стана селекцијата на Бразил, која во финалето ја совлада Италија дури по подоброто изведување на ударите од белата точка. Ова првенство беше првото на којашто успеаја да се пласираат селекциите на Грција, Нигерија и Саудиска Арабија, а на него првпат како самостојна држава настапи и Русија.

Насловот најдобар стрелец го поделија Бугаринот Христо Стоичков и Русинот Олег Салјенко со по шест постигнати погодоци. Салјенко дури пет постигна во победата на Русија над Камерун од 6:1, што е сѐ уште најмногу голови кој еден играч ги постигнал на еден меч на завршниот турнир на мудијалот.

На истиот дуел гол постигна и тогаш 42-годишниот Камерунец Рожер Мила со што стана најстариот стрелец во историјата на светските првенства. Ова првенство беше и првото на коешто за победа наместо дотогаш два бода се освојуваа три бода, првото на коешто играчите на задната страна од дресовите имаа испишани презимиња или прекари.

 

16. СП Франција 1998

Пласман: 1. Франција, 2. Бразил, 3. Хрватска, 4. Холандија

Финале: Франција – Бразил 3:0

Број на учесници: 32

 

Првпат на светските првенства настапија 32 национални тимови, а воведен беше и правилото „златен гол“ од осминафиналето, односно продолженијата беа прекинувани при постигнување на првиот гол, а не доигрувано до крајот. Хрватска првпат се појави како самостојна држава на мундијалите и стаса до третото место, што во историјата и претходно и досега ѝ успеало само уште Португалија во 1966 година.

Титулата ја освои домаќинот Франција неочекувано во финалето декласирајќи го Бразил со 3:0, со двата гола на Зинедин Зидан. Овој меч и ден денес го следат контроверзии, кои се движат од договор за победникот, до повикување „виши сили“ за парализирање на фаворизираните Бразилци.

Најдобар стрелец на првенството беше Хрватот Давор Шукер со шест голови.

 

17. СП Јапонија и Јужна Кореја 2002

Пласман: 1. Бразил, 2. Германија, 3. Турција, 4. Јужна Кореја

Финале: Бразил – Германија 2:0

Број на учесници: 32

Првпат во историјата завршницата на светското првенство се одржуваше во две земји и првпат домаќин на мундијал беше Азија. Вкупно 199 репрезентации учествуваа во квалификациите, најмногу дотогаш. Четири репрезентации по првпат изборија настап на светско првенство: Кина, Еквадор, Сенегал и Словенија.

Во финалето се сретнаа Бразил и Германија, а славеа „кариоките“ или „селекао“ со двата голови на Роналдо.

За изненадувањето на шампионатот се погрижија Јужна Кореја и Турција, коишто стасаа до полуфиналето. На тој пат Јужна Кореја ги елиминираше великаните како Португалија, Италија и Шпанија, а Турција домашната Јапонија и Сенегал. Во дуелот за бронзата славеше Турција со 3:2, а првиот гол го постигна Хана Шуќур во 11 секунда од натпреварот, што е најбрзиот гол постигнат на светските првенства. Сепак, прв стрелец на турнирот беше Роналдо со осум голови.

 

18. СП Германија 2006

Пласман: 1. Италија, 2. Франција, 3. Германија, 4. Португалија

Финале: Италија – Франција 5:3 на пенали (регуларниот дел и продолженијата завршија 1:1)

Број на учесници: 32

Ова првенство се разликуваше од претходните по тоа што на него шампионот од претходното првенство, во случајот Бразил, не се квалификуваше директно на завршницата туку мораше да игра во квалификациите. Во Германија првпат на завршен турнир на Светско првенство играа селекциите на Ангола, Гана, Брегот на слоновата коска, Того, Тринидад и Тобаго и на Украина.

Светски шампион по четврти пат стана Италија, која во финалето ја совлада Франција со подобро изведување пенали. Ова првенство, и финалниот дуел, ги одбележа неспортскиот потег на Зинедин Зидан кој со глава во гради го собори Марко Матераци кој вербално го провоцираше, поради што доби црвен картон. Прв стрелец на турнирот беше Германецот Мирослав Клоозе со пет голови.

 

19. СП Јужна Африка 2010

Пласман: 1. Шпанија, 2. Холандија, 3. Германија, 4. Уругвај

Финале: Шпанија – Холандија 1:0 (на продолженија)

Број на учесници: 32

На првото светско првенство одржано на африканскиот континент статусот најголем фаворит го оправда Шпанија која првпат го освои трофејот кој го придодаде на европската титула освоена две години претходно. Во финалето „Црвената фурија“ ја совлада Холандија во нејзиното трето финале без успех со голот на Андрес Иниеста во 116 минута.

Најдобри стрелци со по пет голови беа Уругваецот Диего Форлан, Холанѓанецот Весли Снајдер, Шпанецот Давид Вила и Германецот Томас Милер, но „златната копачка“ му припадна на Милер поради најголемиот број асистенции – три во споменатата четворка.

 

20. СП Бразил 2014

Пласман: 1. Германија, 2. Аргентина, 3. Холандија, 4. Бразил

Финале: Германија – Аргентина 1:0 (на продолженија)

Број на учесници: 32

Бразил по вторпат беше домаќин на мундијалот по несреќната 1950 година и вторпат претрпе неуспех и понижување. Со тоа Бразил стана петтата земја којашто двапати била организатор на Светско првенство по Мексико, Италија, Франција и Германија. Но домаќините беа само четврти, а во полуфиналето беа демолирани од Германија дури со 1:7.

Титулата ја освои Германија која во финалето по продолженијата ја совлада Аргентина со 1:0 со голот на Марко Геце во 113 минута. Ова беше четврта титула за Германија, но прва по обединувањето на земјата.

Најдобар стрелец на првенството беше Колумбиецот Хамес Родригез со шест голови.