Од капитенот до капитенот: Ти си исклучителен човек

Икер Касилјас во изминативе 48 часа доби безброј искрени пораки и емотивни писма за неговото заминување од Реал Мадрид, а дека искусниот шпански голман беше еден од фудбалерите кои за жал се се поретки во светот на фудбалот, говорат и честитките кои пристигнуваат од најголемиот ривал Барселона.

Иниеста и Пике уште во текот на вчерашниот ден му дадоа огромна поддршка на Касилјас за чекорот на кој се одлучил во фудбалската кариера, а последен со писмо до големиот капитен на Реал се обрати и доскорешниот капитен на Барселона, Чави Ернандез.

„Започнавме да играме заедно за селекцијата пред мундијалот до 17 години. Од тој момент сме едноставно неразделни. Она по што секако ќе се паметиме и двајцата се успесите во А селекцијата со која освоивме две Европски првенства и едно Светско првенство. Сакам јавно да порачам дека премногу го сакам како пријател и го почитувам Икер, имаме навистина добро пријателство. Многу години сме заедно, минавме многу моменти еден покрај друг, лоши и добри, а тоа не е мала работа. Покрај тоа, тој е човек кој едноставно не може да не го сакате. Отсекогаш бил шегобиец, искрен, весел и пред се компетитивен кога станува збор за фудбалот. Посебно ми обрнува внимание неговата енергија и тоа што е многу пријателски настроен. Тој е многу практичен и не сака да се навраќа на работи кои се минато. Икер е еден фер и пред се исклучителен човек. На пример, кога настана проблемот на релација Барселона – Реал Мадрид и кога видовме дека работите можат да ескалираат, тој ми се јави и ми кажа: Пелопо (машино), мораме да го решиме ова. Преживеавме многу во тие моменти, но успеавме да се задржиме еден за друг и не дозволивме работите да се закомплицираат. Мислам дека ако Икер не се јавеше во моментот во кој го направи тоа, можеше да се случат многу лоши работи. Тој е од оние луѓе кои знаат да и донесат нешто големо на една поголема група на луѓе. Лидерството е негов вроден дар, Икер едноставно е исклучителен човек“, – пишува во писмото на Чави кое ексклузивно го пренесе мадридска „Марка“.