Од Кина најавија „ново ниво“ на односите со Русија

Кина во новата година е подготвена, заедно со Русија, да даде поголем придонес во формирање на поправеден меѓународен поредок, изјави на дневниот брифинг во четвртокот, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.

„Под стратешкото водство на челниците на двете земји, односите меѓу Кина и Русија тргнаа по нов пат на мирен соживот и заемно полезна соработка меѓу двете големи соседни држави, што им донесе опипливи придобивки на народите на двете земји и, исто така, одигра важна и конструктивна улога во унапредувањето на реформите на глобалното управување“, изјави Венг.

Кинескиот дипломат ја истакна подготвеноста на Пекинг да ги зајакне стратешките комуникации со Москва и да ги промовира „создавањето заедница со заедничка судбина за човештвото“.

Претходно во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на годишната прес конференција одговарајќи на новинарски прашање оцени дека односите меѓу двете земји ги доживуваат „најдобрите времиња во историјата“, иако Западот „отворено се обидува да внесе раздор“.

Според него, во Кина тие се оценуваат не како сојуз или алијанса, туку како „нешто што е посилно од сојуз на многу начини – прагматични, доверливи и односи на меѓусебно почитување“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.